Amina Zorniç
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) - Метју, разорниот ураган од четврта категорија што однесе 11 животи на Хаити, Карибите и во Доминиканската Република, продолжи кон јужниот дел на Бахамите, каде што во тек е евакуацијата на населението, пренесува Anadolu Agency (AA).
Најголеми штети се предизвикани на Хаити, тврди Мурад Вахба, заменик на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Хаити. Според неговите зборови, најмалку 10.000 лица се наоѓаат во засолништа, и имаат потреба од вода.
„Ураганот Метју е најголема хуманитарна катастрофа на Хаити од разорниот земјотрес во јануари 2010 година“, изјави Вахба.
Американските метеоролози тврдат дека ураганот продолжува кон источниот дел на Куба и Бахамите, така што до утре би можел да достигне до источните брегови на сојузната американска држава Флорида.
Американскиот национален центар за урагани (НХЦ) во Мајами тврди дека ветриштата на ураганот се со јачина од 205 километри на час.
Се очекува ураганот да ја погоди и Јужна Каролина, на атлантскиот брег на Северна Америка. Според американските медиуми, гувернерката на Јужна Каролина, Ники Хели прогласи вонредна состојба и нареди евакуација за повеќе од половина милион луѓе.
Метју е најсилен ураган по Феликс од 2007 година. За време на викендот е рангиран за најсилен ураган, од петта категорија, чии ветришта се брзина од 240 километри на час и рушат станбени објекти.