Berk Kutay Gökmen
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
Федералното истражно биро (ФБИ) нуди награда од 200.000 долари за поранешната припадничка на американското Воено воздухопловство, Моника Вит, за која властите веруваат дека пребегала во Иран во 2013 година, јавува Анадолу.
„ФБИ не заборави на овој случај. Веруваме дека во овој клучен момент за Иран постои некој што има информации за тоа каде се наоѓа таа“, изјави Даниел Вјерзбицки, главен претставник на ФБИ за контраразузнавање во Вашингтон.
„ФБИ сака да стапи во контакт со вас за да ни помогнете да ја приведеме Вит и да ја изведеме пред судот“, се наведува во соопштението.
Вит, поранешна контраразузнавачка офицерка во Канцеларијата за специјални истраги на Военото воздухопловство, работела на задачи на Блискиот Исток од 2003 до 2008 година.
Во 2019 година тогашниот помошник јавен обвинител, Џон Демерс, изјави дека Иран ја регрутирал Вит. Потоа таа пребегала кај нив и открила строго доверлива програма за шпионирање, а го открила и идентитетот на еден американски разузнавач, со што директно го загрозила неговиот живот.
Обвинителите тврдат дека во периодот меѓу јануари 2012 и мај 2015 година Вит тајно соработувала со Иранци во Иран и на други места надвор од САД за да обезбеди документи и информации поврзани со националната одбрана на Соединетите Американски Држави, со намера и свесност дека тие информации ќе ѝ наштетат на Америка, а ќе му користат на Иран.
Според обвинението, откако пребегала, иранските власти ѝ обезбедиле на Вит сè што ѝ било потребно за работа, вклучително стан и компјутерска опрема. Сè уште не се знае дали таа има американски адвокат што ја застапува.