Tuğba Altun
27 Мај 2024•Ажурирај: 28 Мај 2024
АНКАРА (АА) - „Воспоставување суверена и слободна палестинска држава е клучна цел“, изјави министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, во Брисел, пренесува Анадолу.
Зборувајќи по низа состаноци со фокус на Палестина, шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, ја истакна важноста на собирите што заедно ги организираат земјите членки на ЕУ и палестинската контакт-група, со цел подигнување на свеста во светот за палестинското прашање.
Министерот Фидан напомена дека излагањето на палестинскиот премиер Мохамад Мустафа јасно ги илустрирало финансиската, административната и другите кризи во Палестина што се влошени со актуелната израелска окупација.
Фидан укажа на сѐ поголемата поддршка од меѓународната заедница за палестинското прашање, што било забележливо на состаноците.
Тој нагласи дека иако се цени меѓународната поддршка за Палестина, клучна цел е воспоставување суверена и слободна палестинска држава, овозможувајќи ѝ економски и политички да се осамостои.
„Оставањето Палестина да зависи од помош, без да ѝ се дадат целосен суверенитет и економска контрола, не е од корист за палестинското прашање, палестинскиот народ или регионот“, изјави Фидан.
Напоменувајќи дека разговарале за стратегиски практични чекори за државноста на Палестина, министерот Фидан истакна дека неодамнешното признавање на Палестина од три европски земји, Шпанија, Норвешка и Ирска, е значителна пресвртница.
Тој го повика Советот за безбедност на ОН да ја признае Палестина во согласност со меѓународното право и моралната совест.
„Непризнавањето на држава што е поддржана од 150 земји би ја продлабочило моментната криза во самиот меѓународен систем, што потенцијално би довело до негов колапс“, предупреди министерот Фидан.
Шефот на турската дипломатија рече дека Палестина не може да ја искористи својата економска и политичка слобода поради израелската окупација.
„Мора да ја третираме и штитиме Палестина како полноправна држава, било тоа симболично или практично“, истакна министерот Фидан.
Тој ги критикуваше и обидите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги избрише границите од 1967 година и да промовира наратив на ексклузивна израелска контрола.
„Светот почна да ги обликува оваа илузија и пропаганда особено по 7 октомври“, рече Фидан.
Турскиот министер за надворешни работи најави планови за посета на Шпанија со палестинската контакт-група, со цел пренесување значајни пораки за палестинската државност.
Фидан ја потврди непоколебливата определба на Туркије да ги поддржи патот на Палестина кон државност и бликоисточниот мир.