Hasan Esen
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
ХЕЛСИНКИ (АА) - Властите на Финска преземаат максимални безбедносни мерки во пресрет на престојниот историски самит на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот и рускиот лидер, Трамп и Путин, ќе се состанат во Хелсинки на 16 јули, а официјалниот претставник на финското Министерство за внатрешни работи, Кимо Елома, утринава изјави дека Финска е подготвена да биде домаќин на така важен самит.
„Ги преземаме сите потребни безбедносни мерки, а го разгледуваме и воведувањето гранични контроли четири дена пред самитот, што ќе се однесува и на граѓаните од членките на Шенгенскиот договор“, изјави Елома.
Тој истакна дека со граничните контроли се има намера да се спречи доаѓањето во Финска на луѓето кои би можеле да ја нарушат атмосферата во која се одржува самитот.
Владата на Финска на седницата во петок ќе донесе конечна одлука за воведувањето гранични контроли.
Американскиот претседател Трамп во Финска ќе допатува во недела, а активистите за заштита на околината и другите невладини организации најавија одржување мирни протести.