Ekip
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Здравствените власти во Франција соопштија дека се откриени неколку случаи на заразување со салмонела кај мали деца по консумирање на производите од чоколадите „киндер“, што го принуди производителот „Фереро“ да повлече неколку производи од „киндер“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 21 случај на салмонелоза се идентификувани од Националниот референтен центар за салмонела на Институтот Пастер, од кои осум деца се хоспитализирани, се вели во соопштението.
Бактериите на салмонела предизвикуваат гастроинтестинални нарушувања, кои негативно влијаат кај малите деца, имунокомпромитирани лица, бремени жени и постари лица. Симптомите вклучуваат висока температура во рок од 48 часа од консумирањето на контаминираните производи.
Заразувањето следува по избувнувањето на епидемија на салмонелоза во неколку европски земји. Инфицираните производи се произведени во фабриката во Арлон, Белгија, и го содржат истиот генетски сој што беше одговорен за појавата на салмонелоза во производите на Велика Британија и Ирска, се додава во соопштението.
Според тоа, „Фереро“ отстрани четири производи „киндер“ од продавниците и супермаркетите.
Здравствените власти ги предупредија потрошувачите веднаш да ги уништат контаминираните производи.
Ова е втора епидемија на труење со храна во Франција оваа година, по епидемијата на ешерихија коли, поврзана со консумирањето замрзнати пици од брендот „буитони“ на „Нестле“, што предизвика смрт на две деца.