Sinan Doğan
07 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
БОГОТА (АА) - Во карипската земја Хаити, вооружена банда изврши напад во кој животот го загубија 12 лица, а голем број куќи беа запалени, известува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени о локалните медиуми, во местото Сорс Мателас во главниот град Порт о Пренс изведен е оружен напад.
Властите информираа дека бандата Вилаж де Дио го нападнала местото Сорс Мателас, притоа убивајќи 12 луѓе и палејќи голем број куќи.
Во изјава за печатот, Жансон Гијом, градоначалникот на Сорс, говорејќи дека постои голем страв кај луѓето во Мателас, истакна: „Бандитите се вратија во областа откако беа избркани од полицијата и случајните минувачи пред неколку дена. Утрово најдовме многу изгорени тела.“
Според очевидците, од пламенот изгореле 12 лица, од кои една жена.
- Над 500 лица загинаа
Повеќе од 500 лица загинаа во вооружени пресметки на бандите од април досега, а над 3.000 лица беа принудени да ги напуштат своите домови.
Социјалните немири на Хаити значително се продлабочија последната година по атентатот врз претседателот Жувенел Моиз во јули 2021 година, земјотресот од 7,2 степени во август истата година во кој загинаа над 2.200 луѓе и беа уништени десетици илјади домови, зголемената инфлација, случаите на колера и зголемувањето на киднапирањата и на насилствата.
Во земјата во која инфлацијата го достигна највисокото ниво последниве години, 40 отсто од населението беше зависно од хуманитарна помош, а конфликтите меѓу бандите станаа хронични, доведоа до смрт на стотици и раселување на илјадници луѓе.