РОСТОВ НА ДОН (АА) ‒ ДМИТРИ ЧИРЧИУ ‒
Цивилите евакуирани во Русија од регионот Донбас во источна Украина, кој е под контрола на проруските сепаратисти, се надеваат дека наскоро ќе се вратат дома, јавува Агенција Анадолија (АА).
Продолжуваат евакуациите кои почнаа на 18 февруари од Доњецк и Луганск, во регионот на Донбас, кои се под контрола на проруските сепаратисти.
Екипата на АА, кој ги следи евакуациите во руската област Ростов во близина на украинската граница, разговараше со цивили кои деновиве беа принудени да ги напуштат своите домови поради зголемените тензии.
Цивилите кои ги минуваат потребните контроли по пристигнувањето во регионот се регистрирани и сместени во шатори и привремени кампови. Еден дел од цивилите се сместени во поранешен студентски дом во градот Шахти, Ростовската Област. Евакуираните цивили се надеваат дека ќе се вратат во своите домови што е можно поскоро.
‒ Привремено сместување на четири локации ‒
Ирина Борисенко од општина Шахти, за новинарот на АА изјави дека повеќето од евакуираните се постари, жени и деца.
„Ние прво ги регистрираме цивилите кои доаѓаат и им ги даваме потребните документи, врз основа на кои ја добиваат потребната помош“, рече Борисенко.
Таа, исто така, изјави дека евакуираните се тестираат на контролните пунктови за Ковид-19 и додаде дека моментално има четири посебни привремени засолништа за евакуирани цивили во градот Шахти.
Јулија Немцева е меѓу евакуираните од регионот на Доњецк. Таа рече дека работи како асистент на колеџот и продолжува да комуницира со своите студенти преку интернет.
Истакнувајќи дека не сака да остане во Русија, Немцева, мајка на три деца, рече: „Секако дека сакам да се вратам. Ќе се вратиме кога ситуацијата ќе се смири, бидејќи мојот сопруг, дом, работа, сè е таму. Сакам да живееме во мир.“
Таа потсети дека до 2014 година живееле во мир, додавајќи: „Сите живеевме во една држава, мирно и тивко, до 2014 година. Луѓето се согласија. Би сакала да се вратам во тоа време.“
‒ Тежок пат ‒
Евгенија Волковаја, старица од Луганск, рече дека пристигнала од Украина со автобус.
„Патот беше многу тежок. Болна сум и земам лекови. Се чувствувам многу лошо“, рече Волковаја.
Таа нагласи дека се надева дека ќе се врати во Луганск што е можно поскоро.
„Тоа е мојата татковина. Таму сум родена и таму живеам. Затоа сакам да се вратам во татковината“, заклучи Волковаја.
‒ Повеќе од 90.000 цивили се евакуирани од Донбас во Русија ‒
Тензиите во источна Украина драстично се зголемија оваа недела, со зголемен број на прекршувања на примирјето, гранатирање и евакуација на цивили од проруските сепаратистички региони.
Западните земји ја обвинија Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негира каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија во понеделникот ги призна сепаратистичките региони на Украина, таканаречените републики Доњецк и Луганск. Лидерите на Европската Унија и НАТО, како и бројни земји, остро го осудија чинот на Путин, ја повторија својата поддршка за Украина и најавија заедничка реакција.
news_share_descriptionsubscription_contact
