Nazlı Yüzbaşıoğlu
26 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, при што го оцени за неприфатлив незаконскиот претрес на турскиот брод на Медитеранот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се огласи преку официјалниот профил на социјалната мрежа Твитер и се осврна на телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО.
Тој наведе дека за време на разговорот зборувале за претресот на турскиот брод, како и за подготовките за состанокот на министрите за надворешни работи на земјите на НАТО, кој ќе биде одржан наредната недела.
„Нагласив дека третманот на нашиот брод е неприфатлив. Разговаравме за актуелните случувања во врска со Источниот Медитеран, Авганистан, Либија и Нагорно Карабах“, наведе Чавушоглу.
„Анкара ќе ги преземе потребните чекори на сите полиња против операцијата на Европската Унија „Ирини“ поради нелегалното претресување на бродот под турското знаме кој одеше кон Либија“, соопшти вчера Советот за национална безбедност на Турција.
Советот најостро го осуди незаконскиот претрес на бродот минатата недела од страна на германската фрегата која е дел од операцијата „Ирини“, чија наводна цел е спроведување на ембаргото на Обединетите нации врз оружјето на Либија.
Бродот под турското знаме превезувал во Либија бои, материјали за фарбање и хуманитарна помош, а операцијата на ЕУ оттогаш призна дека незаконскиот претрес не довел до пронаоѓање на „нелегални материјали“.