Ekipa
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
БРАТИСЛАВА (АА) - Во вториот круг гласање од претседателските избори во Словачка, Зузана Чапутова стана првата жена претседател на Словачка со освоени 58 отсто од гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Чапутова, како кандидатка на либералната партија „Прогресивна Словачка“, по победата во првиот круг од гласањето, во борбата за претседател на Словачка во вториот круг од гласањето влезе заедно со Марош Шефчович, кандидат на владејачката партија „Смер-социјална демократија“ (СМЕР-СД) и актуелен потпретседател на Европската комисија задолжен за енергетика.
Според неофицијалните резултати, по пребројувањето на 95 отсто од гласовите, Чапутова е избрана за нов претседател на Словачка со освоени 58 отсто од гласовите, додека нејзиниот противканидат Шефчович освои 41 отсто од гласовите.
Во првиот круг од гласовите што се одржаа на 16 март, право за учество во вториот круг добија Чапутова која имаше освоено најмногу гласови, 40 отсто и Шефчович со освоени 18 отсто.
Словачка во 1993 година се оддели од Чешка и прогласи независност. Во оваа земја право на глас имаат 4,4 милиони гласачи.
Чапутова е петти претседател на Словачка, во исто време стана првата жена претседателка на оваа земја.