Ayhan Şimşek
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
БЕРЛИН (АА) – Шведска денес ги повика своите партнери од Европската Унија да извршат поголем притисок врз израелската Влада откако истражната комисија на ОН утврди дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа, јавува Анадолу.
„Многу сме загрижени за ситуацијата во Газа и мора да извршиме поголем притисок врз израелската Влада“, изјави шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергар на заедничката прес-конференција со нејзиниот германски колега во Берлин.
Запрашана за историскиот извештај на независната меѓународна комисија на ОН, кој заклучи дека израелските власти и безбедносни сили извршиле геноцид во Газа, Стенергар рече дека овие наоди се совпаѓаат со предупредувањата на разни експерти дадени уште порано.
„Ние не даваме официјални изјави дали нешто е геноцид или не сè додека тоа формално не го утврди меѓународен суд. Но имаме обврска да го запреме и спречиме геноцидот“, нагласи таа.
„Затоа Шведска е еден од најголемите обезбедувачи на хуманитарна помош за Газа. И затоа сакаме да извршиме поголем притисок врз израелската Влада – на пример, со суспендирање на трговскиот дел од договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел или со воведување санкции за екстремистички министри во израелската Влада“, додаде шведската министерка.