Leila Nezirevic
04 Октомври 2024•Ажурирај: 09 Октомври 2024
ЛОНДОН (АА) - Шведската Влада денес издаде предупредување за смртоносниот вирус Марбург, класифицирајќи го како „опасен за општеството“, јавува Анадолу
Нордиската земја веќе го сметаше вирусот Марбург како опасен за јавноста, но сега нагласи дека е „опасен за општеството“, дозволувајќи им на властите да преземат вонредни мерки со цел да го спречат ширењето на заразата, како што се затворање аеродроми или железнички станици и изолирање на заразени пациенти.
„Оваа болест е многу сериозна и иако во моментов не гледаме дека постои ризик од ширење на заразата во Шведска, владата денес донесе одлука да ја класифицира како опасна за општеството. Тоа ни дава подобри алатки за преземање вонредни мерки за превенција од вирусот , доколку е потребно“, истакна министерот за социјални работи Јакоб Форсмед во соопштението за медиумите.
Претходно оваа недела, две лица во Германија беа под сомнение дека се заразени со вирусот. Сепак, подоцна беше откриено дека тоа е лажна тревога, бидејќи на тестовите за вирусот излегле негативни, соопштија локалните власти.
Во средата, германската полиција затвори две линии на централната станица во Хамбург, додека персоналот за итни случаи евакуираше воз од Франкфурт откако двајца патници, пар, контактирале лекари бидејќи биле загрижени дека се заразиле со тропска болест во Руанда.
Руанда моментално се соочува со смртоносниот и многу заразен вирус Марбург, со 11 смртни случаи и 36 потврдени случаи од почетокот на епидемијата на 27 септември.
Марбург припаѓа на фамилијата филовируси, во која спаѓа и еболата, но за разлика од еболата, за вирусот Марбург нема терапија или вакцина. Вирусната болест е високозаразна, предизвикува хеморагична треска и има стапка на смртност до 88%, според Светската здравствена организација (СЗО).
Првично, заразувањето на човекот со Марбург вирусната болест била резултат на поголемата изложеност во рудниците или пештерите населени со колонии на лилјаците Рузетус.
Вирусот Марбург може да се шири од човек на човек преку директен контакт, како што е исечена кожа или мукозни мембрани, преку крв, секрет, органи или други телесни течности на заразените луѓе, како и преку површини и материјали контаминирани со овие течности, предупреди СЗО.