Sena Güler
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
СТОКХОЛМ (АА) - Шведските власти соопштија дека ќе им доделат статус на бегалци на туркиските Ујгури, кои доаѓаат од кинескиот автономен регион Синџијанг, како и на која било друга малцинска муслиманска група, јавува Anadolu Agency (AA).
Објавувајќи го тоа на својата веб-страница, Шведската агенција за миграции истакна дека барателите на азил од тој регион ќе ги третира како бегалци.
Од Агенцијата се додава дека барањата на тие лица ќе бидат прифатени директно и дека тие нема да бидат депортирани.
Цитирајќи го Извештајот на УНХРЦ, кој вели дека над 1 милион Ујгури се држени во кампови во Кина, Агенцијата се осврна и на Извештајот на „Хјуман рајтс воч“ („Human Rights Watch“), осудувајќи ја забраната за практицирање на исламот во регионот Синџијанг.
Ахмед Турсун, потпретседател на Здружението на Ујгурите во Шведска, „Маариф“, за АА изјави дека тие ја поздравуваат одлуката и се надеваат дека ќе послужи како пример за другите западни земји.
Кинескиот регион Синџијанг е дом на околу 10 милиони Ујгури. Туркиската муслиманска група, која сочинува околу 45 отсто од населението на регионот Синџијанг, долго време ги обвинува кинеските власти за културна, верска и економска дискриминација.
Според американските официјални претставници и експертите на ОН, околу 1 милион луѓе, или околу 7 отсто од муслиманското население во Синџијанг, се затворени во мрежа на кампови за „политичка доедукација“.
Во Извештајот од септември минатата година, „Хјуман рајтс воч“ ја обвини кинеската Влада за систематска кампања на кршење на човековите права против ујгурските муслимани во Синџијанг.
Според Извештајот од 117 страници, кинеската Влада спроведува масовно арбитрарно притворање, тортура и малтретирање на туркиските Ујгури во регионот.