Ahmed Asmar
01 Октомври 2024•Ажурирај: 02 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Израелската армија утринава изврши два воздушни напада врз Јужен Либан, при што се убиени најмалку 16 лица, меѓу кои и деца, јавува Анадолу.
Според официјалната либанска национална новинска агенција (ННА), биле убиени 10 лица од исто семејство во воздушниот напад врз нивниот дом во јужниот град Ал-Давудија.
Медицински извор за Анадолу изјави дека во друг воздушен напад врз бегалскиот камп Ајн ел Хилве, лоциран на југот на Сидон, биле убиени шест лица, меѓу кои три деца, а неколкумина се повредени.
Ајн ел Хилве, основан во 1948 година, е најголем палестински бегалски камп во Либан, со 50.000 регистрирани луѓе, според бројките на ОН, иако неофицијалните статистички податоци покажуваат дека населението во кампот брои 70.000.
Израелската армија рано утринава гранатираше неколку јужни либански градови, што се совпадна со најавата на Тел Авив за „ограничена“ копнена операција во Јужен Либан.
Во понеделникот вечерта либанското Министерство за здравство објави дека бројот на убиени во израелските воздушни напади врз Либан во изминатите 24 часа достигна 95, а 172 се повредени.
Од 23 септември Израел започна масовни воздушни напади врз, како што ги нарекува, локации на Хезболах низ Либан, при што загинаа повеќе од 1.057 луѓе, а беа повредени над 2.950, според либанското Министерство за здравство.
Во нападот беа убиени неколку водачи на Хезболах, меѓу кои и генералниот секретар Хасан Насрала.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која загинаа речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас минатиот 7 октомври.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади врз Либан би можеле да го ескалираат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.