Rania R.a. Abushamala
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
Шест лица, меѓу кои двајца болничари, загинаа денес во израелските воздушни напади врз Јужен Либан, пренесува Либанската национална новинска агенција (ННА), пренесува Анадолу.
Во најновите напади загинаа двајца болничари додека ја извршуваа својата „хуманитарна должност“ во Деир Канун ал-Нахр во областа Тир, јави ННА, повикувајќи се на здружението „Исламска Рисала“.
Израелски воен авион гаѓаше позиција што ѝ припаѓа на Исламската здравствена управа во градот Хануие во Тир, при што загинаа четири лица, а двајца болничари се повредени.
Агенцијата додаде дека уште три лица се повредени во напад чија цел била областа Хафур, меѓу градовите Сидикине и Кана.
Нападот следуваше еден ден откако израелски воздушен напад предизвика значителна штета на болница во јужниот град Тебнине.
Според ННА, две лица загинаа, а едно е повредено откако израелски борбен авион изврши напад во близина на болницата во Тебнине.
Најмалку 16 болници се оштетени во израелските напади врз Либан од 2 март, покажаа податоците објавени од либанското Министерство за здравство.
Официјалните податоци, исто така, открија дека најмалку 116 лица загинале, а 263 се повредени во нападите насочени кон медицински лица и амбулантни екипи во истиот период.
Најмалку 3.089 луѓе загинаа, 9.397 се повредени, а повеќе од 1,6 милиони се раселени од почетокот на израелските напади во март, според либанските официјални лица.
Израелските напади продолжуваат низ Либан и покрај прекинот на огнот со посредство на САД, кој официјално стапи на сила на 17 април, а подоцна беше продолжен до почетокот на јули.