Ahmet Furkan Mercan
08 Октомври 2021•Ажурирај: 09 Октомври 2021
ТОКИО (АА) – Премиерот на Јапонија, Кишида Фумио, соопшти дека со рускиот претседател Владимир Путин се согласиле да ги продолжат преговорите за повоениот мировен договор меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На првиот телефонски разговор со Путин, јапонскиот премиер Кишида рече дека разговарале за билатералните и регионалните случувања.
Наведувајќи дека со Путин се согласиле за продолжување на преговорите за мировен договор меѓу двете земји по Втората светска војна, Кишида истакна дека ќе се обидат да го решат прашањето за статусот на четирите острови под контрола на Русија во Курилскиот регион, североисточно од Хокаидо.
Истакнувајќи дека сака да се развиваат односите меѓу Јапонија и Русија, Кишида рече дека Путин е подготвен да го продолжи дијалогот на многу полиња.
Јапонското Министерство за надворешни работи соопшти дека за време на состанокот, кој траел 25 минути, Путин истакнал дека сака да се сретне со премиерот Кишида што е можно поскоро.
Во веста на новинската агенција „Кјодо“, базирана на овластено лице во Министерството, е наведено дека Путин изјавил: „Очекувам да работам со Кишида, кој добро ги познава билатералните односи“, алудирајќи на тоа дека Кишида бил поранешен министер за надворешни работи на Јапонија.
Двајцата лидери исто така разговараа за севернокорејската програма за нуклеарен и ракетен развој. Меѓу другото, Кишида побара помош од Русија за решавање на проблемот со јапонските граѓани приведени од страна на Северна Кореја.
- Спорот меѓу Русија и Јапонија за Курилските Острови -
На крајот на Втората светска војна во 1945 година, Советскиот Сојуз ги анектира Курилските Острови, кои се протегаат на околу 1.300 километри од Хокаидо во Јапонија до полуостровот Камчатка во Русија, разделувајќи го Охотското Море од Тихиот Океан.
По анексијата, поради спорот околу копнената област што Јапонија ја нарекува „Северни Региони“, меѓу Русија и Јапонија почнаа да се водат преговори за потпишување мировен договор, но страните не можат да постигнат резултати во преговорите.