Gözde Bayar
09 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
ТОКИО (АА) – Телото на убиениот поранешен премиер на Јапонија, Шинзо Абе, е донесено во Токио во придружба на неговата сопруга, јавува Агенција Анадолија (АА).
Телото е донесено во семејната резиденција во Токио од западниот јапонски град Нара, каде што почина вчера во болница, откако вооружен маж го застрела во грбот во текот на предизборен говор.
Актуелниот јапонски премиер Фумио Кишида го посети домот на Абе за да изрази сочувство.
Јапонските медиуми јавуваат дека бдеењето и комеморацијата за Абе ќе се одржи во понеделник, а погребот ќе се одржи следниот ден со присуство на блиските роднини.
Либерално-демократската партија (ЛДП), партијата што некогаш ја водеше Абе, и другите партии ветија дека нема да дозволат атентатот да го загрози демократскиот поредок и процесите во Јапонија.
Абе беше премиер со најдолг стаж во јапонската историја, а почина вчера во болница откако беше застрелан на предизборен собир.
Абе се здоби со повреди на десната страна на вратот кога 41-годишен вооружен напаѓач отворил оган врз него. Тој беше застрелан додека држеше говор барајќи гласови за кандидатот на владејачката Либерално-демократска партија на утрешните избори за Горниот дом на јапонскиот Парламент.