Mahmut Geldi
06 Мај 2022•Ажурирај: 07 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Авионот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кој превезува затвореници Хуси од Саудиска Арабија, пристигна во Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Државната новинска агенција на Саудиска Арабија СПА го објави соопштението на арапската коалиција, која ја поддржува јеменската Влада.
Во соопштението се истакнува дека првиот авион со припадници на милицијата заробена додека се бореше во редовите на Хусите, ја напушти Саудиска Арабија.
Исто така, се наведува дека затворениците Хуси се ослободени како дел од хуманитарните иницијативи на Саудиска Арабија.
Се додава дека трансферот на затворениците од Саудиска Арабија ќе биде извршен во три фази во главниот град на Јемен, Сана и во привремената престолнина Аден на југ.
Во вестите во саудиските медиуми се нагласува дека првиот авион што ја напушти земјата му припаѓа на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Меѓу другото, се наведува дека авионот со 40 лица од заробениците Хуси пристигнал во Аден, привремената престолнина на Јемен.
Се посочува дека 108 од 163 затвореници што треба да бидат ослободени ќе бидат префрлени во Аден.
Портпаролот на арапската коалиција, Турки ал Малики, на 28 април соопшти дека 163 Хуси кои биле заробени додека се бореле против Саудиска Арабија, ќе бидат ослободени.
- На иницијатива на ОН во Јемен беше прогласен двомесечен прекин на огнот
Ханс Грундберг, специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Јемен, на 1 април изјави дека јеменската Влада и Хусите се согласиле да ги прекинат воздушните, копнените и поморските операции.
Грундберг во изјавата на 2 април нагласи: „Двомесечен прекин на огнот започна меѓу јеменските страни денеска во 19 часот по локално време. Од вечерва ќе бидат прекинати воздушните, копнените и поморските операции.“