Elena Trenchevska Chekovic
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денес престојува во официјална посета на ФФМ, на покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, пренесува Анадолу.
Чеферин го придружуваа директорот за национални асоцијации во УЕФА, Зоран Лаковиќ, како и раководителот за развој на национални асоцијации во УЕФА, Денис Бастари.
Како што соопшти ФФМ, Омерагиќ ја истакнал важноста на посетата, особено во поттикнувањето на реформите и развојот на македонскиот фудбал во изминатиот период.
„Посетата на Александар Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал“, истакна Масар Омерагиќ.
„Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, додаде Омерагиќ.
Во рамките на посетата Чеферин оствари средба и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.