Süleyman Elçin
24 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
АНТАЛИЈА (AA) – Македонскиот фудбалер Адис Јаховиќ официјално е новиот играч на турскиот суперлигаш Анталијаспор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јаховиќ денес со челниците на управата на клубот од Анталија потпиша двеиполгодишен договор со можност за продолжување на соработката за уште една година.
Тој во Анталија дојде од турскиот клуб Јени Малатијаспор, а по официјалното претставување на Градскиот стадион изрази задоволство поради трансферот.
„Ова е клуб со големи апетити и моменталната позиција на табелата не му одговара. Дојдов бидејќи знам дека клубот има големи цели. Свесен сум за ситуацијата. Среќен сум што сум дел од овој тим", рече Јаховиќ.
Тренер на Анталијаспор е Тамер Туна со кој Јаховиќ пред три години веќе соработувал во Ѓозтепе.
На новинарско прашање дали сака и во Анталијаспор да ја продолжи трката за надјобар стрелец во турската Супер лига, 32-годишниот Јаховиќ рече дека приоритет е тимот да игра добро и да остварува успеси, а дека секако ќе се труди на индивидуален план да биде што поуспешен.
„Посебно сум среќен што ќе играм во тандем со голем фудбалер каков што е Лукас Подолски. Во Коњаспор играв со Самуел Ето и бевме одлични. Уверен сум дека и со Подолски ќе направам добра работа на терен", порача Јаховиќ.
Анталијаспор се наоѓа во зоната на испаѓање на табелата од Супер лигата и ѝ претстои тешка борба за опстанок во елитниот ранг на турското клубско натпреварување.