Associated Press
02 Јули 2023•Ажурирај: 04 Јули 2023
ЛОНДОН (АА) - Нови и пошироки овластувања на британската полиција стапија во сила од денес, вклучувајќи мерки насочени кон активистите кои со протестите го попречуваат сообраќајот и големите градежни активности, известува Анадолу.
Власта во повеќе наврати ги осуди еколошките протестни групи, вклучувајќи ги „Just Stop Oil“ и „Extinction Rebellion“, кои настојуваат да ја подигнат свеста за итноста за борба против климатските промени, организирајќи протести од висок профил на најпрометните автопатишта и улици.
Полицијата денес доби овластувања да ги отстрани статичните протести.
Критичарите велат дека заострените полициски овластувања претставуваат закана за правото на протест, но британската власт истакнува дека тие мерки треба да го запрат попречувањето од страна на себичното малцинство.
„На јавноста ѝ е преку глава што животите им ги нарушуваат себични демонстранти. Хаосот што го видовме на нашите улици беше скандал“, рече министерката за внатрешни работи Суела Брејвермен.
Според Законот за јавен ред на Британија, на демонстрантите кои ја попречуваат изградбата на нови инфраструктурни објекти им се заканува и затворска казна во траење до 3 години. Секој кој ќе биде прогласен за виновен за попречување на голем транспортен проект, би можел да биде осуден на казна затвор до 6 месеци.
Законот исто така за кривично дело го смета и „заклучувањето“, односно врзувањето на демонстрантите за други луѓе, врзувањето за објекти или за згради.
Стотици демонстранти се приведени минатата година во Велика Британија поради блокирање на главните патишта и мостови.