Süha Gür
30 Јуни 2024•Ажурирај: 01 Јули 2024
ДОРТМУНД / БЕРЛИН (АА)
Германската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2024, откако во осминафиналето ја совлада Данска. Пласман во наредната фаза избори и Швајцарија со победата над Италија, известува Анадолу.
На стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд се одигра дуелот меѓу Германија и Данска. Натпреварот беше прекинат во 36. минута поради дожд проследен со грмежи. Средбата продолжи по 20 минути откако беа исполнети соодветни временски услови за игра.
Германските репрезентативци имаа неколку добри шанси во првиот дел од средбата, но на полувреме се заминаа со резултат 0:0.
Во продолжението Германија тргна поагресивно и веќе во 53. минута поведе со 1:0 со голот на Каи Хаверц од пенал. Домаќините поведоа со 2:0 во 68. минута со одличниот гол на Џамал Мусиала. Тоа беше и конечен резултат на средбата кој на Германија ѝ обезбеди пласман во четвртфиналето.
- Швајцарија го совлада актуелниот европски првак
Во Берлин во првиот осминафинален дуел се сретнаа актуелниот европски шампион, селекцијата на Италија и Швајцарија. Натпреварот се одигра на Олимпискиот стадион во Берлин со почеток во 18:00 часот.
По неколку добри напади, Швајцарија поведе во 37. минута со голот на Ремо Фројлер. До крајот на полувремето немаше измена на резултатот и на пауза се замина со водството на Швајцарија од 1:0.
Репрезентацијата на Швајцарија второто полувреме го започна со силен притисок на голот на Италија и веќе во 46. минута поведе со 2:0 со голот на Варгас. Со овој резултат заврши дуелот меѓу Швајцарија и Италија и со оваа победа Швајцарија се пласираше во четвртфиналето на ЕВРО 2024.
Денес на програмата се две средби. Се среќаваат:
18:00 Англија - Словачка
21:00 Шпанија - Грузија
Швајцарија во четвртфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Англија и Словачка, додека Германија за противник ќе го има подобриот од средбата Шпанија - Грузија.