Elvır Hodzıc
31 Декември 2021•Ажурирај: 01 Јануари 2022
САРАЈЕВО
Капитенот на репрезентацијата на Босна и Херцеговина и голгетер на италијанскиот Интер, Един Џеко, повторно е заразен со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Раководството на Интер од Милано денеска соопшти дека на вчерашното тестирање за коронавирусот позитивни биле тројца фудбалери, а тоа се Един Џеко, Алекс Кордаз и Мартин Сатриано.
„Тројцата се веќе во изолација во своите домови и ќе ги почитуваат сите процедури пропишани со здравствениот протокол“, се наведува во соопштението.
Џеко вчера стигна во кампот на Интер, но не го одработи тренингот и замина дома поради настинка. Веднаш се тестирал, а резултатите покажале дека е позитивен на коронавирусот и дека мора да замине во изолација.
Џеко и неговите двајца заразени соиграчи немаат симптоми на инфекција со Ковид-19 и престојуваат во домашна изолација.
Џеко беше позитивен на коронавиурсот и во ноември минатата година.
На Интер му следуваат три натпревари во краток период. Прво на 6 јануари гостува во Болоња, потоа три дена подоцна го пречекува Лацио, а на 12 јануари игра во Суперкупот против Јувентус.