Yunus Kaymaz
25 Мај 2016•Ажурирај: 26 Мај 2016
ЛОНДОН (АА) - Поранешниот фудбалски ас на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона, изјави дека португалскиот експерт, Жозе Мурињо, не е човек кој со тимот од Олд Трафорд може да ги направи потребните промени за да се врати во деновите на слава, додека италијанскиот експерт Карло Анчелоти го тврди сосема спротивното, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за британскиот весник "The Guardian", Кантона, изјави дека шпанскиот фудбалски експерт Гвардиола дојде во градот Манчестер, но дека е штета што стигнал на клупата на погрешниот тим.
Поранешниот тренер на Баерн од Минхен претходно потпиша договор и од следната сезона ќе го води тимот на Манчестер Сити, жесток ривал на Јунајтед.
„Гвардиола е единствениот човек кој може да направи промени во Манчестер Јунајтед. Тој е духовен син на Кројф”, рече легендарниот Французин Ерик Кантона, додавајќи дека донесувањето на португалскиот експерт Мурињо не би донело до промени кои ги очекуваат навивачите на Јунајтед.
Кантона, исто така, истакна дека на претстојното Европско првенство во Франција ќе навива за Англија, а не за својата татковина, Франција.
„Воопшто не ме интересира Франција во фудбалска смисла. Јас сум Англичанец и во моите вени тече англиска сина крв”, рече Ерик Кантона, додавајќи дека Англија има добар тим за да победи на ЕУРО 2016.
Од друга страна, италијанскиот експерт Анчелоти смета дека Мурињо е вистинскиот човек за да се врати идентитетот на победникот кој Јунајтед го загуби минатата сезона.
Анчелоти за англиските медиуми изјави дека Мурињо е еден од најдобрите тренери во светот, и дека добро ја познава англиската Премиер лига, со што во моментов е најдобар избор за Јунајтед.