Dejan Maksimovic
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
МАНЧЕСТЕР (АА) - Златан Ибрахимовиќ (36), поранешниот капитен на Шведска, изјави дека неговото повлекување од репрезентацијата го намали притисокот и очекувањата од националниот тим, јавува Anadolu Agency (AA).
Ибрахимовиќ, кој сега игра за Манчестер Јунајтед, репрезентативната кариера ја заврши по ЕВРО 2016 во Франција. Шведска, без еден од најдобрите напаѓачи во својата историја, се подготвува за двомечот од баражот за Светското првенство во Русија во 2018 година против Италија.
„Шведска игра без притисок, бидејќи откога си заминав никој не очекува многу од нив, ниту медиумите, ниту навивачите. Кога играв, нивото на очекувања беше високо, па поради моето отсуство се намали“, изјави Ибрахимовиќ за италијанските медиуми и продолжи:
„Сепак, Шведска и понатаму е добар тим, но со помала одговорност на својот грб. Играчите не се многу искусни, но репрезентацијата е многу амбициозна“.
Ибрахимовиќ дресот на Шведска го носеше од 2001 до 2016 година, и за тоа кратко време имаше 116 настапи со 62 погодоци.
Шведска и Италија првиот натпревар од баражот ќе го играат на 10 ноември во Френдс Арената во Солна со почеток во 20:45 часот, а реваншот три дена подоцна на миланскиот стадион „Сан Сиро“.