Dzihat Aliju
30 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Кошаркарскиот тим Фенербахче од Турција и кошаркарски клуб Работнички од Скопје, по повод јубилејот – 70 години постоење на КК Работнички, вечерва заедно ќе одиграат пријателски натпревар, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу пристигнатите играчи на турскиот Фенербахче е и познатиот македонски кошаркар Перо Антиќ.
Тимот на кошаркарскиот клуб Фенербахче беше пречекан од страна на турскиот амбасадор во Скопје, Омур Шолендил, и претставниците на кошаркарскиот тим на Работнички, кој вечерва е домаќин на пријателската средба.
Тренерот на Фенербахче, Жељко Обрадовиќ, во разговор за Anadolu Agency (AA) изрази задоволство што вечерва неговиот тим ќе игра со кошаркарски клуб кој има голема традиција.
Тој истакна дека се надева оти вечерва ќе се одигра добар натпревар во Скопје. Обрадовиќ за гостопримството изрази благодарност до турскиот амбасадор во Скопје и до сите други.
Од друга страна пак, амбасадорот Шолендил истакна дека вкоренетото пријателство и братските односи меѓу Македонија и Турција се одразуват во сите области, притоа нагласувајќи дека ова ќе биде важен натпревар во областа на спортот.
„И на двете екипи им посакувам успех во натпреварот што ќе се одигра меѓу екипата којашто има 70-годишно минато, Работнички и екипата на Фенербахче“, изјави амбасадорот Шолендил.
По свечениот пречек на скопскиот аеродром, екипата на Фенербахче замина во хотелот во кој ќе престојува.
Инаку, на вчерашната прес-конференција што ја одржа раководството на Работнички и дел од играчите, беше нагласен колективниот став во однос на гостинската екипа, а тоа е дека се работи за исклучително квалитетен и успешен кошаркарски клуб со кој е голема чест и задоволство да се игра.
Пријателскиот натпревар во чест на 70-годишнината од постоењето на Работнички ќе се одигра вечерва, во 19 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски" во Скопје.