Dejan Maksimovic
16 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
РИМ (АА) - Водечки италијански експерт за заразни болести потврди дека Серијата А би можела да продолжи кон крајот на мај, зад затворени врати и под строги мерки,пренесува Агенција Анадолија (AA).
Фудбалскиот сојуз на Италија (FIGC) напиша протокол за враќање на играчите и персоналот на теренот со што поголема безбедност, по пандемијата на новиот вид коронавирус. Целта е клубовите да започнат со тренинзите од 4 мај, а со натпреварите да се започне викендот на 30 и 31 мај.
„Како што стојат работите денес, сезоната на Серијата А не би можела да продолжи, но би можела за еден месец, меѓутоа зад затворени врати и со ригорозни мерки. Секое продолжување на натпреварите со себе носи и одредено ниво на ризик. Она што мора да го направиме е да го намалиме тој ризик колку што е можно повеќе со пропишување на многу строги упатства. ФИГЦ ги разгледува овие мерки за да го намали ризикот за играчите, персоналот и сите во фудбалската заедница“, изјави за италијанските медиуми Џовани Реза, директорот на Одделот за заразни болести при Вишиот институт за здравје.
Меѓу другото, Фудбалскиот сојуз на Италија планира играчите задолжително редовно да се тестираат за Ковид-19, а екипите да престојуваат во кампови за обука до крајот на сезоната, за да се изолирани и под медицински надзор.
Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март прогласи глобална пандемија поради ширењето на коронавирусот. Покрај Европа, СЗО ги прогласи за нов епицентар на Ковид-19, кој се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, и САД.
Од Ковид-19 досега починаа над 133.200 луѓе, а потврдени се повеќе од 2.030.000 случаи на вирусот во над 185 земји, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“. Досега се излекуваа 510.000 луѓе.