Dejan Maksimoviç
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
МАДРИД (AA) - Голманот на Порто, Икер Касиљас (35) вели дека не се простил од дресот на репрезентацијата на Шпанија, иако новиот селектор Жулиен Лопетегуи не го повикал откако седна на клупата на местото на Винсенте дел Боске, јавува Anadolu Agency (AA).
Лопетегуи одлучи број еден да биде Давид де Геа (Манчестер јунајтед), а негова резерва е Пепе Реина (Наполи). Третиот голман во првата септемвриска акција беше Адријан Сан Мигел од Вест Хем, а за октомвриската акција е повикан Серхио Рико од Севилја.
„Не се повлеков од репрезентацијата, ниту објавив дека заминувам. Лопетегуи избра други играчи, и морам да ја почитувам таа одлука. Седевме и разговаравме, бидејќи сме пријатели. Тој го избра Де Геа и ја има мојата полна поддршка. Среќен сум поради тоа што Реина се врати, тој ми е тимски колега и пријател. Тој даде многу за Шпанија. Има големо влијание во соблекувалницата и е поразличен тип на голман“, рече Касиљас во обраќањето преку Фејсбук.
„Секогаш ќе бидам на располагање ако ме повикаат. За да можете да играте за Шпанија, мора добро да работите во својот клуб, тоа секогаш го зборував. Шпанија игра добро. Тие што го познаваат Лопетегуи и што работеле со него, веќе можат да ги видат неговите идеи во играта на репрезентацијата“.
Касиљас во 1990 година започна да игра во Реал Мадрид, а за првиот тим дебитираше девет години подоцна. Оттогаш, за кралскиот клуб одигра 725 натпревари. Во Порто замина во летото 2015 година. За репрезентацијата на Шпанија настапи 167 пати, а освои две титули шампион на Европа (2008 и 2012) и една светска титула (2010).