Basir Gülüm
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
КОЊА (AA) - Македонскиот фудбалер Адис Јаховиќ кариерата ќе ја продолжи во турскиот суперлигаш Коњаспор со кој потпиша договор на три и пол години со можност за продолжување на уште една година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Коњаспор Фатих Јилмаз изјави дека со доаѓањето на голгетер како што е Јаховиќ неговата екипа ќе го реши проблемот со неефикасен напад кој го имаа во првиот дел на сезоната, откако тимот го напушти босанско-херцеговскиот репрезентативец Риад Бајиќ.
„Јаховиќ е докажано име во турската Супер лига и уверен сум дека брзо ќе се вклопи во екипата", рече Јилмаз во текот на претставувањето на Јаховиќ на Градскиот стадион во Коња.
Јаховиќ ќе го носи зелено-белиот дрес на Коњаспор со бројот 88, а рече дека е задоволен со доаѓањето во голем клуб.
„Го следам Коњаспор од минатата година и овој клуб оствари големи резултати во лигата и европските натпреварувања. Сега сум тука и важно е да бидеме силни како тим и да го вратиме тимот на местото кое му заслужува", рече Јаховиќ.
Јаховиќ во Коњаспор стаса од турскиот суперлигаш Ѓозтепе, а во кариерата настапуваше и за Сараево и Железничар.