ИСТАНБУЛ
- Јунус КАЈМАЗ
Аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона, кој почина на 60-годишна возраст од срцев удар, зад себе остави незаборавна кариера.
Марадона, кој во периодот додека активно играше фудбал освои 9 шампионски титули во различни натпреварувања во дресот на Бока Јуниорс, Барселона и Наполи, успеа да го освои и Светското првенство во 1986 година со репрезентацијата на Аргентина, испишувајќи го своето име во светската фудбалска историја со златни букви.

Марадона, кого повеќето фудбалски авторитети во светот, заедно со Бразилецот Пеле го сметаат за „најдобар играч во историјата“, додека други тврдат дека тој е поталентиран од Пеле, роден е на 30 октомври 1960 година во Буенос Аирес, Аргентина.
Талентот на Марадона, кој е дете на татко работник во фабрика и мајка домаќинка, е откриен на негова 8-годишна возраст, кога и почнува да игра во локалниот тим Естрела Роха.
Марадона, влегувајќи во подмладокот на Аргентинос Јуниорс, со неполни 16 години потпишува професионален договор со овој клуб. Во 1981 година преминува во Бока Јуниорс каде што по освојувањето на шампионската титула замина во Барселона, еден од најголемите фудбалски клубови во Европа.
- Марадона во Европа
Марадона, кој настапи на 58 средби во сите натпреварувања за шпанскиот клуб Барселона, успевајќи 38 пати да ги затресе мрежите во периодот 1982 - 1984 година, радоста од освојувањето трофеи го доживеа трипати.
Аргентинската ѕвезда со Барселона ги освои Кралскиот куп, Суперкупот на Шпанија и Купот на Ла Лига во 1983 година.
Марадона во 1984 година премина во италијанскиот тим Наполи, во кој стана легенда. Во овој клуб Марадона настапи на 259 средби во сите натпреварувања, постигнувајќи 115 погодоци.
Наполи кој благодарение на Марадона достигна ниво да може да им парира на силните тимови во италијанската лига, во тој период освои две шампионски титули на Италија, Купот на УЕФА, Купот на Италија и Суперкупот на Италија.
По Наполи, Марадона ги носеше дресовите на Севиља, Њуелс Олд Бојс и последен пат заигра во неговиот поранешен тим Бока Јуниорс, завршувајќи ја својата активна кариера во 1997 година.
Марадона одигра вкупно 588 средби во сите натпреварувања во екипите во кои играше, постигнувајќи 312 погодоци.
- Светскиот куп 1986 година во рацете на Марадона
Марадона се прослави во светот со својот извонреден настап на Светското првенство во организација на ФИФА во 1986 година, освојувајќи го Светскиот куп во дресот на Аргентина.
Во четврт-финалето на турнирот, оваа фудбалска ѕвезда, која беше предмет на дискусии поради погодокот постигнат со рака против репрезентацијата на Англија, на истиот натпревар топката на теренот ја водеше 60 метри и дриблирајќи 5 фудбалери, ја затресе мрежата.
Овој погодок беше избран за „гол на векот“ од страна на ФИФА во 2002 година.
Аргентина со Марадона ја освои шампионската титула на Светското фудбалско првенство 1986 година, совладувајќи ја во финалето Западна Германија со резултат 3:2.
Марадона за националниот тим на Аргентина настапи на 91 средба, постигнувајќи 34 погодоци.
- Во неговата фасцинантна кариера скандалите не изостанаа
Проблемот со дрогата на Марадона, кој имаше голем удел во пласирањето на Аргентина во финалето на СП 1990 година, се откри во јавноста во 1991 година.
Славниот фудбалер кој истата година беше осуден на 15-месечна казна поради употребата на дрога, беше исклучен од Светското првенство во 1994 година поради употреба на забранети супстанции.
Поради оваа своја зависност имаше сериозни здравствени проблеми во 2004 и 2007 година и постојани проблеми со италијанските власти за даночен долг во висина од над 37 милиони евра за периодот 1984 - 1991 година кога го носел дресот на Наполи.
- Тренерската кариера не беше успешна како фудбалерската
Тренерската кариера на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона не беше многу успешна, за разлика од неговата активна фудбалерска кариера.
Аргентинската ѕвезда, која важеше за еден од најдобрите фудбалери во историјата, беше меѓу разочарувачките имиња во тренерската кариера започната по кариерата исполнета со трофеи.
Марадона зачекори во тренерската кариера во неговата земја. Легендарниот играч, заедно со својот соиграч Карлос Френ од Аргентинос Јуниорс во 1994 година го водеа Текстил Мандију, а Расинг во 1995 година. Во 2008 година Марадона беше назначен за селектор на Аргентина, на местото на Алфио Басиле.
Под влијание на јавноста, Марадона стана тренер на репрезентацијата на Аргентина за време на СП 2010, а беше разрешен откако Аргентина во четврт-финалето загуби од Германија со резултат 4:0.
Познат по остриот јазик, Марадона не беше мирен во текот на неговиот двегодишен тренерски период во националниот тим. ФИФА го казни Марадона два месеци бидејќи ги навреди претставниците на медиумите по победата над Уругвај во квалификациите, по која Аргентина избори пласман на Светското фудбалско првенство 2010.
Марадона подоцна ги водеше тимовите Ал-Васл, Ал-Фуџаира, Дорадос де Синалоа и Гимназија де Ла Плата, заостанувајќи во успехот како тренер зад својата брилијантна фудбалерска кариера.