Elvır Hodzıc
04 Септември 2023•Ажурирај: 06 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Одбојкарките на Туркије го освоија златото со победата од 3:2 во финалето на Европското првенство во женска конкуренција над селекцијата на Србија во исклучително возбудлив и неизвесен натпревар во преполната сала во Брисел, известува Анадолу.
„Салата во Брисел синоќа беше домаќин на финалето на Европското првенство за одбојкарки, во кое силите ги одмерија старите ривалки, селекциите на Туркије и Србија. Тоа беше петти меѓусебен дуел меѓу овие две репрезентации на континенталниот турнир, во кој Туркије ја посакуваше својата прва победа.
Државните селекции од клупите ги водеа најдобрите тренери на денешнината, Даниеле Сантарели на клупата на Туркије, кој до неодамна ја водеше селекцијата на Србија, и Џовани Гвидети, на клупата на Србија, кој пак претходните 6 години беше селектор на Туркије.


Српската женска репрезентација е трократен првак на Европа и актуелен светски првак, а Туркије е освојувач на Лигата на нации и вложуваше напори да го освои своето прво европско злато, па очекувано приреди одлична претстава во финалето на Европското првенство.
Одбојкарките на Србија подобро го започнаа натпреварот и во завршницата на првиот сет влегоа со предност, освојувајќи го со резултат 27:25. Турските одбојкарки возвратија во вториот сет, освојувајќи го со скор 25:21.

Србија го освои третиот сет со резултат 25:22, иако Турчинките имаа предност сѐ до завршницата. Во четвртиот сет Туркије ја сочува концентрацијата и со скор 25:22, го изедначи резултатот на 2:2 во сетови.
Во петтиот сет, во трилер завршница, повеќе сили, концентрација и спортска среќа имаа одбојкарките на Туркије кои петтиот сет го освоија со скор 15:13 и победа од 3:2 над Србија за прво злато на европските првенства.
Претходно, во натпреварот за третото место, селекцијата на Холандија со резултат 3:0 ја совлада Италија и го освои бронзениот медал.