Tolga Yanık
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Турската одбранбена компанија „АРЏА“ и Министерството за одбрана на Естонија денес потпишаа договор за изградба на капацитет за производство на муниција во Естонија, за време на меѓународниот саем за одбрана и авијација „САХА 2026“ во Истанбул, јавува Анадолу.
Саемот, организиран од „САХА Истанбул“, се одржува во Експо центарот во Истанбул. Агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер на настанот.
На церемонијата на потпишување присуствуваа турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, естонскиот министер за одбрана Хано Певкур, претседателот на „АРЏА“, Исмаил Терлемез, членот на управниот одбор на „АРЏА“, Озгур Родоплу и претседателот на „САХА Истанбул“, Халук Бајрактар.
На церемонијата, Ѓулер потсети дека пред пет години во Естонија со Певкур потпишале друг договор, тогаш за набавка на возила од турскиот производител на оклопна опрема ’Отокар‘.“
„Сега би сакал да го изразам моето големо задоволство што сум овде на церемонијата на потпишување ваков договор меѓу нашите естонски пријатели и 'АРЏА', една од водечките компании во нашата земја“, рече Ѓулер.
Певкур изјави дека договорот дополнително ќе ја зајакне одбранбената соработка меѓу Турција и Естонија.
„Секогаш е добро да се биде во Истанбул, во Турција. Верувам дека се соочуваме со историски момент“, рече тој.
„Денес ја имаме честа да ја потпишеме декларацијата дека компанијата 'АРЏА' ќе отвори фабрика за муниција во Естонија, што ја продлабочува нашата соработка“, додаде тој.
Певкур истакна дека Естонија веќе има силна одбранбена соработка со неколку турски компании.
„Ова е многу голема инвестиција во Естонија. Би сакал да ѝ се заблагодарам на 'АРЏА' за таа огромна инвестиција, со која ќе се отворат околу 1.000 работни места во Естонија и ќе започне производството на артилериска муниција со долг дострел за Естонија, за Европа и за земјите од НАТО“, рече тој.
„Значи, ова е особено важен ден за сите нас“, додаде тој.