Merve Berker
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Националната разузнавачка организација на Турција (МИТ) го уапси Омер ал-Хатиб, еден од сириските осомничени за терористичкиот напад во Рејханли во 2013 година, во кој загинаа 53 лица, додека се подготвувал по море да побегне во Европа, соопштија денес безбедносни извори, јавува Анадолу.
Според изворите, Ал-Хатиб, кој се барал со црвена потерница на Интерпол, бил вклучен во планирањето и организирањето на нападот извршен во турскиот град и посредувал меѓу извршителите и разузнавачките претставници поврзани со Башар ал-Асад.
Ал-Хатиб во 2013 година ги поврзал Јусуф Назик, кој планирал операции насочени против Турција, и Кифах Мелхем, при што деталите за нападот биле утврдени за време на состаноците.
Ал-Хатиб и Назик првпат влегле во Турција преку Хатај во февруари 2013 година, пред нападот, по што ги идентификувале локациите што требало да бидат цел. Според изворите, тие добиле одобрение од Мелхем, кој се наоѓал во Латакија.
Пред нападот во мај 2013 година, Ал-Хатиб заедно со Темир Дуканџи отишол во огранокот на военото разузнавање во Латакија и добил материјали што требало да се употребат за изработка на експлозивната направа.
Дуканџи и Назик го однеле возилото натоварено со бомби во Рејханли, а експлозивната направа била активирана со далечински управувач.
Веднаш по нападот Ал-Хатиб ги однел Дуканџи и Назик, кои побегнале во Сирија, во огранокот на военото разузнавање во Латакија.
Ал-Хатиб и другите лица што го извршиле нападот биле финансиски наградени од режимот на Башар ал-Асад, соопштија изворите.
- МИТ го следел осомничениот чекор по чекор -
МИТ веднаш по нападот во Рејханли започнал активности за приведување на одговорните лица и внимателно ги следел активностите на Ал-Хатиб во Сирија, како и на другите осомничени.
МИТ го уапсил Ал-Хатиб додека се подготвувал по море да побегне во Европа, а потоа го донел во Турција.
Назик, еден од извршителите и организаторите на нападот, бил уапсен во 2018 година, Џенгиз Сертел во 2024 година, а Мухамед Диб Корали и Дуканџи во 2025 година.
Генерал-мајор Кифах Мелхем, кој во Сирија ја издал наредбата за нападот во Рејханли, во февруари 2024 година бил назначен од Башар ал-Асад за шеф на Бирото за национална безбедност.
Познато е дека Мелхем побегнал во странство по падот на режимот на Ал-Асад.