Asiye Latife Yılmaz
13 Мај 2026•Ажурирај: 13 Мај 2026
Турција ги заврши бирократските подготовки за започнување директна трговија со Ерменија како дел од тековниот процес на нормализација на односите меѓу двете земји, соопшти денес турското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството, Онџу Кечели, изјави дека подготовките се финализирани во понеделникот во рамките на мерките за градење доверба што се спроведуваат од 2022 година.
„Бирократските подготовки во врска со започнувањето со директна трговија меѓу нашата земја и Ерменија се завршени на 11 мај 2026 година“, наведе Кечели во соопштението објавено од Министерството.
Тој истакна дека техничките и бирократските напори за отворање на заедничката граница меѓу двете земји сè уште се во тек.
Новиот аранжман овозможува крајната дестинација или точката на поаѓање за стоките што патуваат од Турција до Ерменија преку трета земја, или обратно, користејќи иста маршрута, да бидат означени со „Ерменија/Турција“, според соопштението.
Кечели нагласи дека Турција ќе продолжи да придонесува за развојот на економските односи и пошироката регионална соработка во корист на сите земји и народи во Јужен Кавказ.
„Со оглед на историската можност искористена за зајакнување на трајниот мир и просперитет во Јужен Кавказ, Турција ќе продолжи да придонесува за унапредување на економските односи и соработката во регионот“, додаде тој.