Sarp Özer,Gülsüm İncekaya
11 Јуни 2021•Ажурирај: 12 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, денеска изјави дека Турција е единствената земја членка на НАТО која одблизу се борела против терористичката организација ДЕАШ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција е земја на НАТО којашто го презеде најголемиот товар за да го ослободи сирискиот народ од страдањата, а Турските вооружени сили се единствената армија на НАТО која водеше блиска борба против ДЕАШ“, изјави Акар на свеченото отворање на Центарот на извонредност на поморската безбедност на НАТО во Истанбул.
„Турција во моментов е домаќин на речиси 4 милиони сириски бегалци без никаква дискриминација“, додаде министерот.
Акар рече дека членките на НАТО решително се бореле против терористичките организации во многу делови на светот, но дека за жал, тие не ја покажале истата решителност при борбата против терористичката организација ЈПГ/ПКК.
„Турција постојано ги повикуваше своите сојузници да се борат заедно против терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во северна Сирија, кои ја загрозуваат нашата национална безбедност и регионалната стабилност“, рече тој.
„Постојано им зборуваме на нашите сојузници во НАТО за потребата да се создаде безбедна зона во Сирија. Ние дури се согласивме за некои планови, но барањата од овие договори не беа исполнети и Турција остана сама во борбата против тероризмот“, изјави Акар.
Тој рече дека се неопходни напори за зајакнување на НАТО во сегашните глобални услови.
„НАТО го одржува своето постоење и важноста на Алијансата постепено се зголемува. Затоа, НАТО треба дополнително да се зајакне и да функционира во вистинскиот дух на сојузот“, рече турскиот министер.
Акар, сепак, истакна дека „НАТО е позначајно и посилно“ денес и „ќе оди напред во иднината со поголема самодоверба“.
Во врска со набавката на Турција на системот за противвоздушна одбрана С-400 од Русија, Акар рече дека Анкара е подготвена да разговара за сета загриженост на своите партнери во однос на техничките карактеристики.
„Ние сме отворени и транспарентни во сите разговори во врска со ова прашање. Разумни и логични решенија се секогаш можни“, нагласи турскиот министер за одбрана.