Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
30 Јуни 2022•Ажурирај: 01 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Туркије (Турција) вчера го поздрави „конструктивниот пристап“ на Шведска и Финска за решавање на загриженоста на Анкара, при што страните потпишаа Меморандум по четиринасочната средба во Мадрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата влада тесно ќе соработува со нашите фински и шведски колеги за спроведување на овој договор. Задоволни сме со нивниот конструктивен пристап за решавање на нашите грижи. Ќе работиме за да обезбедиме НАТО да има поголемо единство за тероризмот“, рече турскиот директор за комуникации, Фахретин Алтун на Твитер.
Тој рече дека со средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, финскиот претседател Саули Нинисто, шведската премиерка Магделена Андерсон и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, биле постигнати конкретни и значајни резултати во однос на загриженоста на Туркије за тероризмот.
„Сите страни се согласија на целосна соработка против терористичката организација ПКК и сите нејзини проширувања“, рече Алтун, додавајќи дека Шведска и Финска се обврзале да застанат со Туркије против сите форми на тероризам и ветиле дека нема да им даваат поддршка на ПЈД и ФЕТО.
Тој, исто така, го наведе договорот за укинувањето на ограничувањата или санкциите на нивната одбранбена индустрија од страна на Шведска и Финска и зголемување на соработката во таа област, и рече: „Тие се обврзаа да ги ревидираат законите за борба против тероризмот за да ги решат нашите грижи во врска со терористичките активности покриени со псевдополитички активности.“
„Туркије, Шведска и Финска, исто така, се договорија да создадат механизам за размена на разузнавачки информации и соработка против тероризмот и организираниот криминал“, рече турскиот претставник.
„Како дел од договорот, сите страни се согласија да преземат и конкретни чекори и создавање билатерални аранжмани за екстрадиција на лица осудени за тероризам“, напиша Алтун.
„Шведска и Финска се согласија да забранат какви било активности за собирање средства и регрутирање од страна на ПКК и нејзините екстензии. Тие, исто така, се согласија да ја спречат пропагандата на тероризмот против Туркије.“
Тој ги најави и плановите за формирање „Постојан заеднички механизам за надгледување и верификација на спроведувањето на овие чекори со учество на правдата, разузнавањето и безбедносните бирократии на нашите соодветни земји“.
Алтун рече: „Туркије отсекогаш се залагаше за повеќе единство во нашата алијанса околу заедничките безбедносни прашања, вклучително и околу тероризмот. Ние нема да создаваме фрактури во оваа алијанса, ниту ќе се откажеме од нашата национална безбедност. Ние секогаш поддржувавме посилно НАТО и ќе продолжиме да го правиме тоа.“
За средбите на Ердоган на маргините на Самитот на НАТО во Мадрид, Алтун рече дека турскиот лидер веќе се сретнал со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, со премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон и со американскиот претседател Џо Бајден.
„Тој [претседателот Ердоган] ќе продолжи да одржува состаноци со лидерите на НАТО во текот на овој самит“, додаде Алтун.
Туркије, Финска и Шведска во вторникот потпишаа Меморандум по четиринасочните разговори во Мадрид. Договорот им овозможува на двете нордиски земји да станат членки на НАТО, но ги условува да преземат чекори за загриженоста на Туркије за тероризмот и укинуавање на ембаргото за оружје за Анкара.
Исто така, се наведува дека Финска и Шведска тесно ќе соработуваат со Туркије за прашања поврзани со размена на информации, екстрадиција и воопшто, за борбата против тероризмот.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за приклучување кон Алијансата минатиот месец, одлука поттикната од руската агесија врз Украина, која започна во февруари.
Но, Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за кандидатурите за членство, критикувајќи ги двете земји дека ги толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките групи како што се ПКК и нејзините ограноци.
Столтенберг постојано вели дека Туркије има „легитимна загриженост поврзана со нејзината борба против терористичката организација ПКК и други организации“ и дека ПКК се смета за терористичка организација од НАТО, ЕУ, како и од Финска и Шведска.
Во својата повеќе од 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.