Berk Kutay Gökmen
09 Март 2026•Ажурирај: 10 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското Министерство за одбрана денес соопшти дека балистичка ракета истрелана од Иран, која влегла во турскиот воздушен простор, била неутрализирана од системите за противввоздушна одбрана на НАТО распоредени во Источниот Медитеран, јавува Анадолу.
Во соопштението објавено на американската компанија за социјални медиуми X, Министерството соопшти дека делови од ракетата паднале на празно земјиште во Газиантеп, а се додава дека нема жртви или повредени.
Министерството додаде дека Турција придава „големо значење на добрососедските односи и регионалната стабилност“, нагласувајќи дека „сите потребни мерки ќе бидат преземени решително и без двоумење против каква било закана насочена кон територијата и воздушниот простор на нашата земја“.
„Исто така, повторуваме дека е во интерес на сите да ги послушаме предупредувањата на Турција во овој поглед.“
Во посебна изјава споделена на X, директорот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран, потврди дека ракетата била „навремено детектирана и неутрализирана од системите за противвоздушна одбрана на НАТО над населбата Шахинбеј во Газиантеп“.
„Уште еднаш силно го повторуваме нашето предупредување до сите страни, особено до Иран, да се воздржат од дејствија што би можеле да ја загрозат регионалната безбедност и да ги доведат цивилите во опасност“, рече тој.
Минатата среда, Министерството за одбрана соопшти дека балистичка муниција испукана од Иран кон турскиот воздушен простор била пресретната и неутрализирана од единиците за противвоздушна одбрана на НАТО во Источниот Медитеран.
Регионалните тензии ескалираа по 28 февруари кога САД и Израел започнаа заеднички напади врз Иран во кои се убиени повеќе од 1.200 луѓе, меѓу кои и врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи.
Иран возврати со ракетни напади и напади со беспилотни летала насочени кон Израел и арапските земји каде што се наоѓаат американски воени бази.