Kemal Karadağ
08 Јуни 2018•Ажурирај: 09 Јуни 2018
КИРСЕХИР (AA) - Заменик-премиерот на Република Турција, Бекир Боздаг, во врска со одлуката на австриските власти за затворање на седум џамии во Австрија, изјави дека оваа земја е конкретен пример за одбивање на европските вредности, односно конкретен пример на активностите на кршење на Европската конвенција за човековите права, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг престојуваше во турскиот град Кирсехир, а во таа пригода реагираше на одлуката на австриските власти за затворање на најмалку седум џамии во Австрија, меѓу кои и една џамија на турската заедница, како и за протерувањето на имамите од оваа земја кои се финансираат од странство.
Нагласувајќи најпрво дека Австрија е земја која отсекогаш имала јасни закони кога станува збор за муслиманите, Боздаг изјави дека оваа земја секогаш им пружала можности на муслиманите кои таму живеат. Сепак, како што нагласи, ако се погледне ситуацијата денес, растечкиот екстремизам, дискриминација, ксенофобија и исламофобија во Европа, во голема мерка се чувствуваат и во оваа земја.
Тој потсети дека слободата на мислата, совеста и верата спаѓаат меѓу темелните вредности на ЕУ за човековите права, како и тоа дека тие вредности се заштитени со Европскиот суд за човекови права.
Одлуката на австриските власти за затворањето на џамиите во Австрија, Боздаг ја окарактеризираше како одлука на уништување на слободата на совеста и верувањето, односно на вредностите кои Европа ја прават Европа.
„Ова најдобро покажува дека оние кои неосновано ја обвинуваат и критикуваат Турција, им го одземаат правото на припадниците на другите вери во своите земји и на оние кои мислат поразлично. Австрија е конкретен пример за одбивање на европските вредности, односно конкретен пример на активностите на кршење на Европската конвенција за човековите права. За Турција такво нешто е неприфатливо“, порача Боздаг.