Çiğdem Alyanak
07 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ЧИГДЕМ АЛЈАНАК -
Во рамките на проектот инициран за промоција на Шкотска во светот и за поддршка на заштитата на нејзината природа, тие што ќе купат 1 квадратен метар земја од историскиот регион Гленко на западниот брег на земјата ќе може да ја добијат титулата „лорд“ или „леди“, пишува Anadolu Agency (AA).
Фират Куртоглу, кој замина во Англија пред 10 години на додипломски студии од областа на меѓународните односи, при една посета на Шкотска се запознал со проектот за продажба на земјиште, реализиран во таа земја. Куртоглу најпрвин купи земја од 1 квадратен метар за да ѝ подари оригинален подарок на својата девојка. На овој начин неговата девојка се здоби со титулата „леди“, а потоа купи и за себе и се стекна со титулата „лорд“.
По завршувањето на своето образование Куртоглу се враќа во Турција, и во 2013 година ја основа компанијата која врши продажба на необични подароци од светот. Благодарение на оваа компанија, Куртоглу посредува за продажба на земјиште од Шкотска. Во последните 6 години, 40 илјади луѓе во Турција се здобија со титулата „лорд“ или „леди“. Од нив, 24 илјади станаа леди, а 16 илјади лорд.
Во Турција со титулата лорд или леди се здобија славните личности како што се Фахрије Евџен, Бурак Озчивит, Неслихан Атаѓул, Кадир Догулу, Хазал Каја, Чагла Шикел, Дениз Секи, Берен Саат, Сибел Џан и др.
- Луѓето што се здобиле со титулата лорд или леди се среќаваат во мај секоја година -
Куртоглу, во разговорот со АА рече дека поклонувањето на титулите „лорд“ и „леди“ е многу оригинална идеја и дека затоа се решил подарокот да го продава преку интернет.
Истакнувајќи дека земјата во Шкотска ја продава за две цели, Куртоглу нагласи: „Купувате 1 квадратен метар од природната историска област во Шкотска, а за возврат ја добивате титулата лорд и леди. Како прво, парите заработени од таа продажба се користат за заштита на природниот живот во Шкотска. Оваа област е една од најубавите во Европа. Има неверојатна вегетација и предели. Едно мочуриште од пределот се претвори во зелена површина со приходите добиени од овој проект. На тој начин се придонесува за развојот на туризмот во Шкотска.“
Куртоглу рече дека сопствениците на оваа титула секоја година помеѓу 12-14 мај одат во Шкотска и го посетуваат своето земјиште.
- Цената за лорд или леди изнесува 105 фунти -
Куртоглу, наведувајќи дека Шкотска овластила организации преку кои се одвиваат овие активности, рече: „Овој производ се продава низ целиот свет. За Турција за секој месец е одвоена квота од 500 места. Во Турција има голем интерес. Цената да се стане лорд или леди е 105 фунти. Одвреме-навреме имаме и кампањи во кои цената се намалува на половина.“
„Во Англија, титулата лорд односно леди преминува од татко на син, односно ќерка, додека во Шкотска овие титули се засноваат на сопственоста на земјиштето“, рече Куртоглу и додаде: „Нас најмногу нè прашуваат дали може да се направи куќа на тоа земјиште. За жал, такво нешто не е возможно. Ова е заштитено земјиште од прв степен. Колку и да земете простор, не можете да градите ништо. На сертификатот за титулата лорд и леди има и број на парцела на земјата. Сертификатот не е само титула, туку и тапија за земјиштето.“
- Сертификатот се издава од овластена компанија во Шкотска -
Истакнувајќи дека сертификатите се издаваат од надлежната компанија во Шкотска, Куртоглу рече:
„По поднесувањето на апликацијата за меѓународната регистрација се чека 2,5 недели. По завршувањето на продажбата се пополнува формулар. Потоа тој формулар се испраќа во Шкотска. Откако ќе се испита формуларот, се прави меѓународна регистрација и се испраќа сертификат. За тие што сакаат ние нудиме поддршка за процесот за регистрација. Со овој сертификат веќе имате правна врска со Шкотска. Исто така, имате и површина од 1 квадратен метар. Тоа е доволна причина за да можете да влезете во таа земја. Ако немате некои негативни критериуми кои земјата не ги сака, овој сертификат може да ви помогне за да добиете виза за влез во земјата. Многу луѓе кои го добија овој сертификат во Шкотска одат без проблеми. Тие што ја имаат титулата можат да одат да ја видат својата земја во кој било ден во годината. Таму има екипа која ќе ве чека вас. Особено поради средбата што се одржува во мај, резервациите се прават 3-4 месеци однапред.“