Esra Tekin
17 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
АНКАРА (АА) - Медиумски експерти и истакнати личности дискутираа денес за известувањето за геноцидот во Газа и меѓународната реакција против Израел на панел-дискусијата организирана од страна на Дирекцијата за комуникации на Турција во Анкара, јавува Анадолу.
На панел-дискусијата „Газа: Лакмусовиот тест на човештвото“ учество зедоа Јусуф Озхан, заменик-генералниот директор и главен уредник на Анадолу; Тасмина Ахмед Шеик, шкотска политичарка и адвокатка; Пол Вилијамс, основач и директор на платформата „Блогинг теолоџи“ и Паула Гил Лејва, раководителка на „Лекари без граници“ во Шпанија.
Озхан рече дека Анадолу има силна мрежа на новинари во Газа и ги пренесува случувањата на светот во нивната сурова реалност.
Нагласувајќи ја важната улога што ја играат новинарите во откривањето на вистината и документирањето на страдањето на луѓето, тој рече дека израелската војска намерно ги нишани припадниците на медиумите токму поради оваа причина.
Озхан рече дека двајца новинари на Анадолу се убиени во израелските напади во Газа, нагласувајќи дека оние што сè уште работат храбро во воено разурнатата енклава се очите и ушите на светот.
Тој додаде дека иако Израел го користи гладот како оружје и води интензивна пропагандна кампања, турската новинска агенција Анадолу останува посветена на тоа да ја следи само вистината и да ја прикажува што е можно попрецизно.
Осврнувајќи се на напорите на Анадолу да ги евидентира настаните што би можеле да послужат како доказ за геноцидот, Озхан рече дека агенцијата ја издаде фотокнигата „Докази“, којашто ги документира израелските злосторства.
Озхан, исто така, истакна дека Анадолу прва ја откри употребата на бел фосфор од страна на Израел во Газа. Тој рече дека новинарите на Анадолу документираат докази за тоа што се случува на терен, вклучувајќи ги и неодамнешните фотографии што го прикажуваат гладот во Газа, кои се појавија во меѓународните наслови и имаа силно влијание врз јавното мислење.
Главниот уредник на Анадолу изрази надеж дека Палестина и народот на Газа ќе победат и дека во регионот ќе завладее мирот.
- Сите болници во Газа се уништени или сериозно оштетени -
Раководителката на „Лекари без граници“ - Шпанија, Паула Гил Лејва, говореше за нејзината посета на Газа во декември 2024 година, велејќи дека бомбардирањето и степенот на уништување што го видела таму не било нималку слично на сè што видела досега.
Таа рече дека нејзиниот тим работел во болницата Насер во јужна Газа, која била преполна.
Лејва истакна дека многу од ранетите во болниците во Газа доаѓаат од дистрибутивните пунктови на контроверзната Хуманитарна фондација Газа, а медицинските залихи се сериозно ограничени.
Посочувајќи дека сите болници во Газа се целосно или делумно уништени, таа рече дека геноцидот што го врши Израел напредува побрзо отколку што изгледа. Таа, исто така, повика да не се заборави окупираниот Западен Брег, каде што нападите од израелските сили и доселениците се зголемени со почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Шкотската политичарка и адвокатка, Тасмина Ахмед Шеик, се осврна на вчерашниот извештај подготвен од Независната меѓународна комисија на ОН за истрага на окупираните палестински територии, кој потврди дека Израел врши геноцид во Газа.
Шеик рече дека политичката волја може да ја промени ситуацијата во Газа, додавајќи дека светот гледа пристрасен став и двојни стандарди. „Светот гледа дека муслиманските животи не се бројат“, рече таа.
Таа рече дека Израел исто така треба да се соочи со санкции и ембарга како што имаат другите земји поради прекршување на законите.
Повикувајќи се на познатата фраза на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, „светот е поголем од пет“, Шеик ја подвлече важноста од реформа на ОН.
Вилијамс, основачот на „Блогинг теолоџи“, рече дека вепонизирањето на Стариот завет е „вистински проблем“ во Израел. Тој ја нагласи потребата да се дискутира за тоа како теологијата се вепонизира и искривува за да се легитимизира геноцидот, етничкото чистење и одземањето на имотот на Палестинците на Западниот Брег.
Нагласувајќи дека светот поминува низ фундаментална промена, тој ги повика сите верници низ светот да се здружат за да формираат сојузи и „да погледнат подалеку од лагите што ни беа кажани за стариот западен поредок кој сега го изгуби својот кредибилитет“.