Sevil Çelik
12 Февруари 2017•Ажурирај: 12 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред патувањето за Бахраин, на аеродромот Кемал Ататурк во Истанбул одговараше на прашањата на новинарите поврзани со дневно-политичките настани, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател истакна дека последните неколку месеци во случувањата во Сирија настанал пресврт и додаде:
„Вложуваме големи напори во напредокот на изнаоѓање политичко решение за Сирија, со што ќе се стави крај на крвопролевањето во сириската војна. Продолжуваат интензивни средби со сите страни од подрачјето со цел да се спроведе правдата, законитоста и чесноста во знак на сеќавање на загинатите во Сирија. Се надевам дека наскоро ќе добиеме позитивни резултати, благодарение на напорите кои ги вложуваме заедно со пријателите на нашата земја”.
- „Цел е создавање безбедносна зона од 4-5 илјади километри” -
Турскиот претседателот Ердоган потсети дека основна цел е создавање на безбедна област и истакна:
„Основна цел во Сирија е формирање на безбедносна зона со површина од 4-5 илјади километри квадратни расчистена од терор. Целта на оваа безбедна област е да се спречат миграциите од Сирија, да се подигнат станбени објекти и во нив да бидат сместени мигрантите кои претходно ја напуштиле Сирија. За да може да го спроведеме тоа, вложуваме напори во тоа подрачје да изградиме нови градови. Овие наши размислувања ги споделив со почитуваниот претседател Трамп, а тоа го направив и со претставниците на коалициските сили, првенствено со Германија”.
- „ДЕАШ е во фаза на напуштање на Ал Баб” -
Во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“, претседателот Ердоган ја истакна опсадата на Ал Баб, изјавувајќи:
„Во моментов Ал Баб, од наша страна и од страна на Слободната сириска армија (ССА), се наоѓа под опсада и заедно со ССА се движат кон центарот на градот. Најважната точка е болницата, која пред неколку дена беше освоена во потполност. Откако ја освоивме оваа позиција, целиот процес започна да се одвива многу поволно. Во моментов се навлегува кон центарот на градот. Откако ќе се освои центарот, ќе започне фазата во која силите на ДЕАШ ќе започнат да го напуштаат Ал Баб. Сметам дека тоа е прашање на време. Во моментов се врши планирање и имплементација на планираното”.
- „16 април ќе биде одговор на настаните од 15 јули” -
Турскиот претседател Ердоган изјави дека пред референдумот во Турција закажан за 16 април, ќе започне со турнеи низ Турција со кои преку митинзи ќе го имформира населението по прашањето за претседателскиот систем.
Референдумот од страна на претседателот на Турција Ердоган е оценет како одговор на обидот за државен удар од страна на ФЕТО.
„16 април истовремено ќе биде и одговор на настаните од 15 јули. Тоа ќе биде значаен исчекор по 15 јули. Оние кои ќе одберат 'Не', всушност на еден начин заземаат место покрај извршителите на обидот за пуч на 15 јули”.