Burcu Arik,Didar Yüsra Dilruba Öz
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека со претседателот на САД, Барак Обама, разговарал за моменталната ситуација во Алепо и во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Во забелешките што ги даде за време на заедничката прес-конференција во Анкара со својот словенечки колега, Борут Пахор, Ердоган изјави: „Имавме долг разговор со Обама. Му кажав во врска со проблемите при евакуацијата во Алепо, а тој ме праша како може да ни помогне“.
Претседателот изјави дека масакрот и угнетувањето што се врши во Алепо, сега е пред очите на народот низ целиот свет. „Да се има ваква трагедија во 21 век претставува срам за човештвото. Доколку сакаме решение во Сирија, моменталната ситуација во Алепо мора да се стави под контрола“, изјави Ердоган.
Тој исто така изјави дека синоќа околу 1.150 цивили, вклучувајќи и повредени лица, пристигнале во сирискиот град Идлиб.
„Внимателно го следиме процесот за прекин на огнот и ќе продолжиме така. Бројот на заробени лица во Алепо со сигурност не е мал, ги има во голем број. Се надевам дека овој прекин на огнот нема да биде прекршен повторно“, додаде тој.
- Односите меѓу Турција и ЕУ -
Ердоган изјави дека другите земји постапиле разумно за време на Советот за општи работи на ЕУ, и покрај обидот на Австрија да го блокира процесот за пристап на Турција.
Претседателот ѝ се заблагодари на Словенија поради тоа што го поддржува процесот за членство на Турција во ЕУ, но изјави дека е невозможно Турција да го прифати блокирањето од страна на Унијата на отворањето нови поглавја во преговорите за пристап.
„Без Турција, невозможна е безбедна Европа“, рече Ердоган и додаде дека одвојувањето на Турција од ЕУ ќе ги стави на ризик мирот и стабилноста во регионот.
Тој рече дека Турција ќе го искористи резервниот план доколу ЕУ не ја испрати ветената помош за бегалците во земјата.
„Ние не мораме да ја почитуваме секоја одлука што ЕУ ќе ја донесе за Турција, затоа што Турција не доби ништо од ЕУ“, рече Ердоган.
Во вторникот, неколку министри за надворешни работи во Брисел дискутираа против апелот на Австрија за цврст став против Анкара.
Австрија се спротивстави на преговорите за членство на Турција и гласаше против конечната декларација која не го користи терминот „замрзнување на процесот на пристапување на Турција“.
Другите 27 членки на Советот гласаа за и прогласија дека групата го прифатила продлабочувањето на соработката на Турција и ЕУ во клучните области од заднички интерес, како и предизвиците на полето на миграцијата, антитероризмот, енергетиката, економијата и трговијата.
Турција аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година, а преговорите за пристап започнаа во 2005 година.
Словенечкиот претседател ги охрабри разговорите за дијалог меѓу ЕУ и Турција.
Пахор изјави: „Верувам дека поголемиот дел од ЕУ не сака недостатокот на доверба меѓу Брисел и Анкара да достигне до точка на блокирање или напуштање на преговорите за патот на Турција кон ЕУ“.