Muhammed Enes Çallı
22 Ноември 2023•Ажурирај: 22 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот „окупаторски тероризам“ во Газа и другите палестински територии e злосторство против човештвото и претставува „геноцид“, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Мораме да го принудиме Израел да се придржува кон меѓународното право и да одговара за своите постапки. Исто така, треба во Обединетите нации да ја прекинеме блокадата“, изјави Ердоган за новинарите при враќањето од Алжир.
Тој, исто така, рече дека сите, вклучително и странските претставници, сега ѝ кажуваат на турската страна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „мора да замине“.
Во врска со светските протести против нападите на Израел врз Газа, Ердоган рече: „Политичарите кои ќе се оглушат на тој глас наскоро ќе се соочат со демократскиот одговор на народот.“
„Окупацијата на Газа од страна на Израел, иако можеби замолкна некои влади, ја разбранува јавната совест“, додаде претседателот на Туркије.
„Западното општество, кое се бори со наследството на нацистичкиот холокауст, сега падна на тестот и застана на погрешната страна на историјата во конфликтот меѓу Палестина и Израел“, нагласи Ердоган.
Тој, исто така, рече дека завршувањето на опсадата на Газа е можно само преку чекори преземени не само од неколку земји, туку од сите земји членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Арапската лига.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по нападот на Хамас. Според здравствените власти, досега во израелските напади на палестинската енклава животот го загубија повеќе од 14.100 Палестинци, од кои 5.840 се деца и 3.920 жени.
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во воздушните и копнените напади на Израел врз опколената енклава.
Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.