Barış Gündoğan
06 Август 2022•Ажурирај: 08 Август 2022
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека позицијата на Туркије за стабилноста и безбедноста на Европа е јасна, и дека нивната улога во оваа насока уште еднаш ја покажале станувајќи пионер за решавање на глобалната криза за жито, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган разговараше за различни теми и одговори на прашањата на новинарите во авион за време на враќањето во Туркије од средбата во Сочи со рускиот претседател Владимир Путин.
Што се однесува до прашањето меѓу Кина и Тајван, Ердоган рече дека одблизу ги следат настаните во тој регион.
„Не треба да дозволиме да се појави нова криза во период кога продолжуваат негативните ефекти на војната во Украина и пандемијата на коронавирусот врз економијата и глобалната стабилност“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател рече дека важно е сите страни да постапат со трезвеност и здрав разум за намалување на тензиите во врска со Тајван.
Што се однесува до прашањето „Европа се соочува со длабоки енергетски кризи. Наспроти тоа, гледаме дека Германија и Франција ја таргетираат Турција штитејќи ги неправедните тврдења на Грција. Како ги оценувате овие изјави од Берлин и Париз додека Туркије покажува една дипломатија која ќе ја реши енергетската криза и кризата за жито“, Ердоган потсети дека шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу ги дал потребните одговори против ваквите еднострани изјави.
Ердоган подвлече дека Германија и Франција станале алатка на грчко-кипарската пропаганда.
„Неприфатливо е нашата земја да биде критикувана со неправедни оценувања, додека чекорите на Грција кои го занемаруваат меѓународното право, се игнорираат. Позицијата на Туркије за стабилноста и безбедноста на Европа е јасна. Нашата улога во оваа насока уште еднаш ја покажавме станувајќи пионер за решавање на глобалната криза за жито“, додаде Ердоган.