ИСТАНБУЛ (АА)
„Републиката што ја прогласивме на 29 октомври 1923 година го наврши првото столетие и заплови во второто, кое го нарекуваме ‘Столетие на Туркије’. Се надевам дека 100-годишнината од прогласувањето на Републиката, која ја прославуваме со слава, чест и радост, ќе биде за доброто на нашата земја и нашиот народ“, рече претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган.
- Чувар на напуштените
Ердоган рече дека Република Туркије, која ја слави стогодишнината од прогласувањето, продолжува да блеска со сиот свој сјај, како моќен чинар со длабок корен.
Ердоган истакна дека Република Туркије, токму како што посакувал нејзиниот основач Мустафа Кемал Ататурк, служи како чувар на напуштените во својот регион и во светот.
Тој рече дека Република Туркије не е прва, туку последна турска држава.
Ердоган посочи дека неговата нација има длабоко вкоренета историја со многу држави што се протегаат од Азија до Европа.

„Нашата Република, која е нова алка во нашата илјадагодишна државна традиција, не е прва, туку е последна држава што сме ја формирале на овие простори. Во славната историја на нашата нација имаме многу држави што го обликувале светот, го воделе човештвото и придвижувале цивилизации. Гледаме пресвртници на нашето патување што се протега од Азија до Европа, оставајќи траги на три континенти и периоди. Прво со Селџуците во Анадолија, а потоа со Османлиите, со 16 ѕвезди на нашиот претседателски печат“, рече претседателот на Туркије.
Ердоган порача дека Република Туркије не е, ниту некогаш била држава без корен, без историја, ад хок и новородена држава.
„Република Туркије е чесно богатство што со илјадници години се пренесува од рака во рака, од срце во срце, од генерација на генерација. Ја прославуваме 100-годишнината на нашата Република со гордост што имаме толку силна, богата и длабоко вкоренета заднина како нација. Ние не се откажуваме од своето наследство, напротив, ние ја прифаќаме секоја фаза од нашето славно минато“, посочи Еродган.
- Сила и инспирација
Претседателот на Туркије рече дека не само што ги земаат поуките од минатото, туку од него ги црпат силата и инспирацијата.
„Нашата Република, чија 100-годишнина ја славиме, е наша гордост и инспирација. Републиката е прогласена и изградена врз крвта, животите и жртвите на илјадници синови и ќерки на нашата татковина. Нашиот народ, кој не се согласи на заробеништво, деградација и наметнување, со победа ја круниса националната борба што ја започна против освојувачите, чија цел беа независноста и иднината, а потоа, на 29 октомври 1923 година, да ја воспостави Републиката. Целта на формирањето на Републиката, според зборовите на нејзиниот основач, е да биде ‘заштитник на незаштитените’. Во нашиот период Републиката ја доби оваа карактеристика во целосна смисла“, наведе Ердоган.
Тој порача дека денес Република Туркије е земја која е „заштитник на незаштитените“ во својот регион и во светот, токму онака како што посакувал Ататурк.

„Од Балкан до Кавказ, од Карабах до Африка, од Туркменистан до Палестина, каде и да има угнетени, жртви и сиромашни, Туркије е таа која ита да помогне, ги зема за рака, ги крева и им ги решава проблемите. Овој став претходно го искажавме во Кореја, на Кипар, во Ирак, Сирија, Либија, Јемен, а неодамна и во Карабах. Денес ист став покажуваме за Палестина и Газа“, истакна Ердоган.
Тој наведе дека Големиот митинг за Палестина што беше организиран во Истанбул, со учество на 1,5 милиони луѓе, е дел од тие напори.
„Со овој собир уште еднаш на целиот свет му ја претставивме нашата одлучност да ги заштитиме нашата независност и иднина, што ја проширивме на целата наша сродна географија. И во иднина ќе бидеме ‘заштитник на незаштитените’, без каква било дискриминација“, истакна Ердоган.
Претседателот на Туркије наведе дека веќе 21 година му служат на својот сакан народ, чиј горд дел се, со уверение дека „не постои господарење со нацијата, туку служење“.
- Раст во сите области
Претседателот Ердоган во своето обраќање сподели и бројки што го покажуваат растот на Република Туркије.
„Нашето население, кое во 1927 година броеше 13,6 милиони , во 2002 година достигна 65 милиони, а во 2022 година 85,3 милиони. Се надевам дека сите заедно, во блиска иднина, ќе ја видиме Туркије со 100 милиони“, рече Ердоган.
Се осврна и на големиот напредок на Република Туркије во изминатите 100 години, наведувајќи дека во сите области, од надворешната политика до туризмот, културата, индустријата, технологијата и безбедноста, може да се види дека во Туркије се реализирани најголемите проекти и инвестиции во историјата на Републиката.
„Наша најголема цел во наредниот период е да ја зачуваме нашата демократија од срамот на постпучистичкиот Устав и да обезбедиме цивилен, слободарски и инклузивен Устав, кој ѝ доликува на стогодишнината на нашата Република“, рече Ердоган.
Претседателот на Туркије наведе дека како деца на нација чија историја е полна со неспоредливи победи, одлучни се да ја реализираат и визијата „Столетие на Туркије“.
„На овој историски ден кога ја прославуваме 100-годишнината на нашата Република, му изјавуваме на целиот свет дека ниту една империјалистичка сила нема да може да ја спречи Републиката да стане успешна и победничка. Сѐ што треба да сториме е да продолжиме да бидеме обединети, силни, браќа и сестри, и сите заедно да бидеме ТУРКИЈЕ“, порача Ердоган.