Gözde Bayar
10 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е една од водечките земји во енергетското инвестирање, особено во обновливата енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во однос на инсталираниот капацитет на обновлива енергија, Турција се наоѓа на 13. место во светот и на 6. место во Европа“, изјави Ердоган на состанокот на групата на неговата владејачка Партија за правда и развој во турскиот Парламент.
„Имплементираме проекти кои ќе ја претворат нашата земја во енергетска база“, изјави Ердоган.
„Во рамките на тој контекст, Трансанадолскиот гасовод за природен гас (ТАНАП) и „ТуркСтрим“ ќе станат оперативни“, додаде тој.
Нагласувајќи дека една од важните инвестиции во енергетското поле е нуклеарната електрана „Акују“ во јужната област Мерсин, тој изјави дека изградбата на нуклеарните електрани во земјата била постојано оспорувана од некои групи.
Тој изјави дека денеска ќе се одржи свеченото отпочнување на изградбата на третата единица на нуклеарната централа „Акују“, на која преку видеоконференција ќе присуствува заедно со рускиот претседател Владимир Путин, и додаде дека свеченото отпочнување на изградбата на четвртата единица ќе се случи за неколку месеци.
„Се надеваме дека свеченото отпочнување на изградбата на третата единица на нашата електрана, чија прва единица би требало да започне со работа во 2023 година, ќе биде од корист“, додаде тој.
Тој нагласи дека нуклеарната електрана „Акују“ ќе исполни 10 отсто од енергетските потреби на земјата.
„Главната стратешка димензија на овој проект е дека тој ќе ги диверзификува ресурсите за да ги задоволи енергетските потреби на Турција. Покрај тоа, многу е важно да се биде меѓу земјите со нуклеарна технологија во светот“, додаде тој.
Првата единица на централата би требало да започне со работа во 2023 година, кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од прогласувањето на Републиката. Останатите три единици треба да се отворат во интервали од една година, така што централата во полн капацитет би требало да биде оперативна до крајот на 2026 година.
Меѓувладиниот договор за „Акују“, која во моментов е во фаза на изградба, беше потпишан меѓу Турција и Русија во мај 2010 година.
Во врска со активностите за сондажа, Ердоган изјави дека бродот „Кануни“, кој е еден од трите турски бродови за сондажа, се подготвува за својата задача во пристаништето Филиос на брегот на Црното Море.
Тој изрази надеж дека бродот „Кануни“ ќе започне со активностите за сондажа во април.
Турција го направи најголемото откритие на гас во светот во 2020 година, со откривање на 405 милијарда кубни метри природен гас во Црното Море.