Hikmet Faruk Başer,Muhammed Gencebay Gür
28 Јуни 2023•Ажурирај: 30 Јуни 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Голем број муслимански верници утринава се собраа на молитва по повод Курбан бајрам во џамиите низ Туркије, со што започна одбележувањето на празникот Курбан бајрам. Бројни верници го клањаа Бајрам намаз и во џамијата Аја Софија во Истанбул, јавува Анадолу.
Бајрамската молитва во Аја Софија ја предводеше главниот имам на оваа џамија Ферухх Мустуер, додека хутбата ја одржа хатибот на џамијата Ибрахим Јаваш. Илјадници верници утрово клањаа Бајрам намаз во Аја Софија.
Бајрамската молитва се клањаше и во други џамии во Истанбул, како што се џамиите Сулејманије, Фатих и Чамлиџа.
По извршувањето на бајрамската молитва, луѓето обично одат на гробиштата и ја рецитираат „Фатиха“, првата сура од Куранот, пред душите на починатите членови на семејството. Исто така, Бајрам е можност да се посетат луѓето едни со други, а особено на празникот му се радуваат најмладите.
Курбан бајрам го нарекуваат и аџиски Бајрам затоа што во тие денови се врши аџилак во светиот град Мека. Тоа е еден од петте столбови на исламот и секој муслиман кој е финансиски и физички способен мора барем еднаш во животот да изврши аџилак, без да го доведе во прашање опстанокот и нормалниот живот на своето семејство.
За Курбан бајрам се врзува уште еден важен обред, а тоа е курбан или месната жртва што се поклонува на соседите и сиромашните, по што и самиот празник го носи името. Самата симболика на Курбан бајрам се темели на жртва и побожност.