Çiğdem Alyanak
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Привршуваат работите околу изградбата на џамијата „Чамлиџа“ во Истанбул, која ќе биде најголема џамија во историјата на Република Турција, а планирано е веќе кон крајот на годината таа да биде отворена за верниците и за посетителите, јавува Anadolu Agency (AA).
Изградбата на површина од 57.000 метри квадратни и понатаму трае, а завршен е поголем од комплексот, кој покрај џамијата се состои и од музеј, уметничка галерија, библиотека, сала за конференции, ателјеа и паркинг.
Џамијата „Чамлиџа“ се наоѓа во истанбулската населба Ускудар, а нејзиниот камен-темелник е поставен пред повеќе од три години, од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Првите верници оваа џамија ги прими на теравија намаз (вечерна молитва во месецот Рамазан) на 1 јули 2016 година, во ноќта Лелетур Кадр (најважната ноќ во исламскиот календар). Теравија намаз таа ноќ во џамијата Чамлиџа извршија неколку илјадници верници.
Во тек се работите на изградба на патот и тунелот што ќе го олеснат пристапот до џамијата, која претставува архитектонски спој од османлиско-селџучка градба и модерен изглед. Џамијата со својот изглед е сериозен кандидат да стане еден од симболите на градот на Босфорот.
Нејзините димензии се внимателно и симболично избрани. Џамијата ќе има шест минариња, кои ги претставуваат иманските шарти (услови). Четири (со три шерефи) се високи по 107,1 метар, а две (со два шерефа) се високи по 90 метри.
Главната купола на џамијата е висока 72 метра и ги претставува 72 нации во Истанбул, а другата купола е висока 34 метри и го симболизира поштенскиот код на тој град. Во внатрешноста на куполата ќе бидат напишани 16 Алахови имиња (атрибути), а на површина од 220 метри ќе биде испишана сурата aл-Фетх.
На влезната врата од џамијата се испишани и некои стихови од сурата Али Имран.
Џамијата може да прими и до 60.000 верници (околу 25.000 во внатрешноста, 12.500 во дворот и во надворешниот двор околу 22.500). Во џамијата е можно истовремено да се изведуваат осум погребни молитви.
Покрај делот предвиден за молитва, во рамките на комплексот се наоѓа музеј на површина од 11.000 квадратни метри, уметничка галерија на 3.500 квадратни метри, библиотека на 3.000 квадратни метри, сала за конференции со капацитет од 1.000 места, осум ателјеа и паркинг со 3.500 места.
Претседателот на Здружението за изградба и одржување на џамии и културни добра на Истанбул, Ергин Кулунк, изјави дека меѓу останатото е завршена работата на куполите, прозорците и работата на внатрешниот дизајн на куполата, а во тек е поплочувањето на надворешниот двор со гранит.
Кулунк изјави дека станува збор за изградба на најголемата џамија во Турција и дека таа е подарок на историјата на Република Турција.
Тој додаде дека џамијата во сите затворени делови одеднаш ќе може да прими и до 100.000 лица и додаде дека особено внимание обрнале на звукот, акустиката и на натписите.
„Технологијата толку напредуваше што е многу лесно од тука да се испраќа звук до Сулејманија и до Топкапи. Кога ќе дојде време, ќе го сториме тоа, но приоритет е околината. Потребно е многу добро да се одреди децибелот при испраќањето на звукот. Ќе имаме звучен систем и внатрешно и надворешно осветлување во кое граѓаните на Истанбул ќе уживаат“, порача Кулунк.