Ekipa
24 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Турското Државно обвинителство издаде налог за лишување од слобода на 40 осомничени лица, поради крадење на прашањата од тест, кој во 2011 година беше одржан за добивање чин на полициски службеник, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за истрага што за терористичката организација ФЕТО ја води Државното обвинителство во Анкара.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека налогот е издаден за приведување на осомничени припадници на терористичката организација ФЕТО, кои со крадење на прашањата од тестот напредуваа од полициски во чин поткомесар.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, турската полиција започна акција за приведување на осомничените во 20 градови низ Турција.
Паралелно со тоа, во одвоена истрага против инфилтрираните елементи на ФЕТО во Турската морнарица и Крајбрежната стража, турското Државно обвинителство утринава нареди лишување од слобода на 20 осомничени лица, вклучувајќи и седуммина активни службеници на поморските сили во земјата.
Исто така, во рамките на истрагата против инфилтрираните елементи на ФЕТО во копнените сили на Турција, утринава Обвинителството нареди приведување на 50 осомничени лица.
Сите осомничени по кои турската полиција утринава трага се товарат дека биле членови на терористичката организација ФЕТО и дека со посредство на специјални канали за комуникација имале контакт со другите членови на таа терористичка мрежа.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Припадниците на оваа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Претходно, првин во декември 2013 година, во правосудството на Турција, преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во Турската војска, припадници на терористичката организација, започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските функционери.