02 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Муслиманите низ светот денеска го одбележуваат Рамазан бајрам, еден од двата најголеми исламски празници, а џамиите низ светот беа мали за да ги примат сите верници, па така нивните дворови беа исполнети со верници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рамазан бајрам е тридневен празник што го одбележува крајот на рамазанскиот пост. Празникот започна со клањање на Бајрам намаз во џамиите, од каде што верниците се упатија кон своите куќи за заедно со семејствата да уживаат во традиционалните семејни дружења и гозби.
Во Турција сите џамии беа исполнети со верници, вклучително и истанбулската Чамлиџа, Сулејманије и Аја Софија.
На намазот во Чамлиџа на истоимениот истанбулски рид присуствуваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а намазот во Сулејманиjе го предводеше шефот на Управата за верски работи на Турција, Али Ербаш.
Меѓу другото, околу 200.000 луѓе присуствуваа на Бајрам намаз во џамијата Ал-Акса во Источен Кудс.
Муслиманите денеска го прославуваат Рамазан бајрам и во Русија, Германија, Австрија, Шведска, Швајцарија и остатокот на Европа и светот.
Во различни краеви на светот и многу етнички групи постојат традиционални обичаи својствени за бајрамските денови, кои го надополнуваат овој верски празник.
Бајрам е прилика луѓето да се посетуваат меѓусебно, а на Бајрам посебно му се радуваат најмладите, кои додека трае Бајрам собираат бонбони. Верниците на Бајрам ги посетуваат и гробовите и оддаваат чест и се молат за починатите.