Canan Tükelay
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
Ајшеѓул Биленсој, која работи како обучувачка на мајстори во Институтот за усовршување во турскиот град Афјонкарахисар, со рачна изработка повторно им дава живот на отпадните парчиња мермер, пишува Анадолу.
Мајката на три деца, Ајшеѓул, за Анадолу изјави дека веќе 20 години работи како обучувачка на мајстори за мермерен мозаик.
Биленсој рече дека нејзиниот дедо бил каменорезец и дека и таа се обидува да продолжи по неговиот пат.
„Дедо ми изработуваше џамии и минариња. Потоа занаетот го презеде татко ми. Занаетот на каменорезец, кој татко ми го работеше извесно време, сега јас го работам. Од татко ми научив како да користам клешти. Потоа посетував курсеви. Мермерот е страст. Велат: ‘Штом еднаш ќе го вдишете неговиот прав.’ Откако ќе го вдишете мермерниот прав, тој продолжува да биде страст“, рече таа.
- „Еден производ го изработувам за околу 2,5 месеци“ -
Биленсој истакна дека во институтот ги искористуваат отпадните парчиња мермер.
„Афјонкарахисар е град на мермерот. Ние ги искористуваме отпадоците од мермерот што ги оставаат работилниците и со техниката на мозаик ги претвораме во уметнички дела. Изработуваме домашни украсни предмети. Ги спојуваме традиционалните мотиви со уникатни дела. Секој камен има свои шари. Еден производ го изработувам за околу 2,5 месеци“, рече таа.
Таа посочи дека најчесто изработува дела како вазни и слики, додавајќи дека и големата слика на која е прикажан и Омер Халисдемир, кој беше убиен како херој за време на обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО на 15 јули 2016 година, ја изработила пред околу две години.
Директорката на институтот, Мине Јалавач Сабан, рече дека во нивните дела ги користат природните бои на мермерот.
Сабан истакна дека со спојувањето на парчиња мермер во различни нијанси се создаваат традиционални и уникатни мотиви.
„Делата изработени со рачна работа придонесуваат за зачувување на културното наследство и негово пренесување на идните генерации“, рече таа.